9 склекови за полицаец, само потврда од матичен за пожарникар-На што спаднаа критериумите за вработување во државно
Актуелно

9 склекови за полицаец, само потврда од матичен за пожарникар-На што спаднаа критериумите за вработување во државно

17. 07. 2025.

Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за вработување на 150 униформирани полициски службеници.

Повикот важи за сите млади, непартиски лица, мажи и жени под 25-годишна возраст, со минимална висина од 170 и 160 сантиметри, со завршено средно образование и кои не се осудени со конечна судска пресуда, да аплицираат на огласот, за чие работно место ќе претходи едногодишен интензивен процес на едукација, вежбање и обука.

„Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец”, стои во огласот на социјалните мрежи.

Од кандидатот се бара да биде државјанин на Република Македонија, активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот, да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и да има положено тест за интегритет.

Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот која го определува редоследот на фазите за селекција. Една од фазите во селекцијата е проверка на моторички способности – моторичките способности на пријавените лица се утврдуваат преку изведување на вежби како: Склекови, стомачни, скок во далечина од место, спринт на 20 метри, спринт на 100 метри, трчање на 1500 метри за мажи, трчање на 800 метри за жени.

Минимален број на склекови за мажи е 9, а за жени е 6, минимален број на стомачни подигања за мажи е 16, а за жени е 12. Минимална должина на скокот од одразното место до доскочното место изнесува 220 сантиметри за мажи и 160 сантиметри за жени. Скокот од далечина од место се изведува во два обиди, а во табеларниот преглед се бодира подобриот резултат. Минимално време за мажи на спринт 20 метри изнесува 3,35 секунди, а за жени изнесува 3,50 секунди.

Минимално време во спринт на 100 метри за мажи изнесува 15 секунди, а за жени изнесува 18 секунди. „Трчање на 1500 метри за мажи“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 1500 метри. Минимално време изнесува 5 минути и 25 секунди. „Трчање на 800 метри за жени“ се мери времето од стартот до целната линија поставена на 800 метри. Минимално време изнесува 3 минути.

Овие критериуми за физичката подготвеност и висината веќе предизвикаа лавина реакции кај граѓаните. Минималните барања за вежбите како 9 склекови или спринт на 100 метри ги исполнуваат средношколците на часовите по физичко образование, како и сите спортисти во колективните спортови од младите категории. Се поставува прашањето дали треба МВР да ги заостри критериумите, односно да ги подигне праговите со цел да добиеме поподготвени полициски службеници.

Најмногу коментари доби критериумот висина 170 за мажи и 160 за жени затоа што во последните 10 години, сведоци сме на обучени и вработени млади полициски службеници кои се далеку пониски од пропишаното, па се поставува прашањето како воопшто ги поминале првите етапи од фазата на селекција.

„Ставете минимум 160 см за мажи и 150 см за жени бидејќи веќе имате многу примено со таква висина, исто така што ќе ви е ова за неосудуваност кога такви не ви одговараат за да ги прикриваат кривичните дела а за интегритет да не зборуваме пред се не ги обучувате да знаат како основни да се однесуваат спрема граѓаните“, напишал граѓанин под објавата на МВР за огласот.

Инаку, кандидатите ги очекува и психолошко тестирање (тест за интегритет и психолошки тест), писмено тестирање (општ образовен тест), интервју (поединечен устен разговор со пријавеното лице), безбедносна проверка и здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).

При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба.

По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 165 кандидати.

По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”.

Со договорот за вработување се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

Тие ги повикуваат сите храбри, искрени, солидарни и со висок морал, интегритет и дисциплина да се пријават на конкурсот.

Храбри млади се бараа и на конкурсот за пожарникари кој трае до утре. Јавниот повик за прием на 400 лица по владината мерка за поддршка против пожарите, завршува во четврток.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов повика сите заинтересирани да се пријават, а за тоа потребно е да појдат во локалните Центри за вработување и таму ќе ги пополнат потребните документи, додека пак со себе треба да носат медицинска белешка со која потврдуваат дека немаат болести кои би им пречеле во извршување на работните задачи.

Појасни дека други документи не треба да носат со себе. Повтори дека од овие 400 најдобрите ќе бидат избрани за трајно вработување како пожарникари.