Со дополнителниот јавен повик, Град Скопје нуди 10 локации во Градски парк, четири во СРЦ Сарај, по три во паркот Гази Баба и на кејот на Вардар, како и две локации во Рајски парк во Ново Лисиче. Предвидениот простор за поставување подвижни објекти е до 16 квадратни метри.
Подвижните објекти може да бидат специјализирани возила или приколки со должина до четири метри и висина до три метри, наменети за продажба на сладолед, пијалаци, кондиторски производи, пуканки, шеќерна волна, крофни, палачинки и слични производи. Продажба на семки и други јаткасти плодови не е дозволена.
Еден од условите е објектите да бидат естетски вклопени во околината и да не користат озвучување или музички системи. Исто така, треба да располагаат со соодветна опрема со ниска бучава и минимално влијание врз животната средина.
Кандидатите треба да приложат доказ за регистрирана дејност, потврда за фискален апарат или барање за негово издавање, како и скица со димензиите на објектот. Изборот ќе се врши по принципот „прв пријавен – прв услужен“.
По добивањето на одобрението, избраните апликанти ќе треба да ги подмират пропишаните давачки, да склучат договор со „Комунална хигиена“ за управување со отпадот и во рок од седум дена да достават решение за регистрација на мобилен објект од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Резултатите од јавниот повик ќе бидат објавени во рок од десет дена по завршувањето на рокот за аплицирање.
