Новите цени ќе стапат во сила од ноќеска, односно од 23 јуни во 00:01 часот.
Според одлуката на РКЕ, цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 3,5 денари по литар и ќе изнесува 84 денари за литар.
Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 4 денари и ќе се продава по цена од 86 денари за литар.
Најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, чии цени се намалуваат за 7 денари по литар. Така, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 80,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 79,5 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,932 денари за килограм и ќе изнесува 42,291 денари.
Од РКЕ информираат дека намалувањето на цените е резултат на пониските референтни цени на светскиот пазар, каде што бензините бележат пад од 8,216 проценти, дизелот од 12,699 проценти, екстра лесното масло од 12,354 проценти, а мазутот од 11,352 проценти.
Од Комисијата потсетуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците со нафтени деривати имаат можност да ги формираат и пониско од определените највисоки цени.
