Според германската организација за заштита на потрошувачите од Хамбург, во текот на 2025 година биле регистрирани 77 нови производи со вакви промени, а просечното поскапување по единица мера изнесувало 28,4 проценти.
Еден од примерите е чоколадата „Милка Алпенмилх“ во Германија, чие пакување било намалено од 100 на 90 грама, додека цената пораснала од 1,49 на 1,99 евра. Тоа претставува зголемување на цената по килограм од 48,4 проценти.
Промени се забележани и кај други познати производи. Кај „Милки веј“, бројот на чоколатца во едно пакување бил намален од девет на пет, додека кај „Краш чоко наполитанки“ во Хрватска, пакувањето од 500 грама било заменето со 430 грама.
Помали пакувања се појавуваат и кај други категории производи, вклучувајќи сладоледи, чаеви, замрзната храна и капсули за машини за садови.
Сепак, намалувањето на грамажата не секогаш значи и повисока цена по килограм. Кај некои производи производителите ги намалуваат и продажните цени, па затоа е важно да се споредат конкретните цени и количини.
Како да не платите повеќе за помалку?
Најважно е да не ја споредувате само цената на пакувањето, туку и цената по килограм или литар. Така полесно ќе забележите дали производот навистина е поевтин или, и покрај непроменетата цена, добивате помала количина.
Наведените примери се од германскиот и хрватскиот пазар и не значат дека истите промени важат и во Македонија. Сепак, „шринкфлацијата“ е причина потрошувачите повнимателно да ги проверуваат декларациите и цените пред купување.
