Зад секој успешен тим стојат луѓе кои со своето знаење, посветеност и професионалност создаваат вредност секој ден. Луѓе кои веруваат во соработката, си даваат поддршка, споделуваат искуства и заедно ги претвораат предизвиците во можности за раст и напредок.
Веруваме дека вистинската сила на една компанија не се мери само преку резултатите што ги постигнува, туку и преку луѓето што стојат зад нив – нивната мотивација, меѓусебната доверба, професионалниот развој и чувството на припадност.
Затоа, во ова интервју, ви ги пренесуваме приказните на нашите колеги Небојша Спасиќ – Сениор вулканизер и Дејан Ѓорѓиевски – Сениор вулканизер, кои се дел од Мотоцентар од 2017 година. Тие речиси 10 години се членови на тимот на Мотоцентар, својата експертиза и знаење ги споделуваат со колегите од Момин Поток, а клиентите се навикнати на нивната професионалност. Преку нивното лично искуство, ќе дознаеме што за нив значи тимската работа, што ги мотивира да бидат професионални и посветени, кои моменти им носат најголемо задоволство и на што се особено горди како дел од нашиот тим.


Небојша и Дејан ни одговорија на неколку прашања. Еве ги нивните одговори:
1. Што е она што го прави нашиот тим посебен и по што се препознава начинот на кој работиме?
НЕБОЈША: Нашиот тим го прават посебен добрата соработка, меѓусебната помош, како и дружбата надвор од работното време. Се трудиме секоја работа да ја завршиме квалитетно и брзо, а најважно е клиентите да бидат задоволни.
ДЕЈАН: Нашиот тим го прават посебен искуството и подготвеноста секогаш да си помагаме. Се трудиме секоја работа да ја завршиме навреме, а клиентите да бидат задоволни од нашата услуга.
2. Што за тебе значи да се биде вистински професионалец и како тоа го покажуваш во секојдневната работа?
НЕБОЈША: За мене вистински професионалец е човек кој си ја знае работата, одговорен е и внимава на секој детал. Како вулканизер, секогаш се трудам секоја работа да ја завршам правилно, безбедно и квалитетно, со внимание кон возилата на клиентите.
ДЕЈАН: За мене да се биде професионалец значи да си одговорен, посветен и да си ја работиш својата работа најдобро што можеш. Секогаш се трудам секој проблем да го решам на најдобар начин.
3. Што е она што најмногу те мотивира и ти носи задоволство од работата?
НЕБОЈША: Најмногу ме мотивира тоа што ја работам работата што ме интересира и што секојдневно сум во контакт со возила кон кои имам голема пасија. Задоволство ми претставува кога клиентот е задоволен од мојата работа и кога ќе добијам бакшиш како знак на благодарност. Исто така, ме мотивира кога одговорниот ќе го препознае мојот труд и ќе ме награди за добро завршената работа.
ДЕЈАН: Најмногу ме мотивира кога успешно ќе завршам некоја посложена работа и кога клиентот е задоволен. Посебно задоволство ми е што низ годините научив многу нови работи и го проширив своето знаење. Дополнителна мотивација ми претставува тоа што мојот труд и посветеност се препознаени и наградени од страна на моите претпоставени, а тоа ми покажува дека мојата работа се цени.
4. На кој момент, успех или постигнување во компанијата си посебно горд и зошто?
НЕБОЈША: Особено сум горд на овие речиси 10 години во Мотоцентар. Во овие години стекнав многу искуство и знаење, станав посигурен во својата работа и научив како да се справувам со различни предизвици. Драго ми е што со моето искуство можам да придонесам за подобра работа на тимот.
ДЕЈАН: Посебно сум горд што во овие речиси 10 години напредував во работата. Започнав како вулканизер, а со текот на времето научив да поправам и заварувам фелни. Мило ми е што денес можам самостојно да решавам и посложени проблеми и што мојата компанија има доверба во мојата работа.
Небојша Спасиќ
Сениор вулканизер
Дејан Ѓорѓиевски
Сениор вулканизер
5. Ако треба да објасниш некому зошто е убаво да се биде дел од Мотоцентар, што би му кажал?
НЕБОЈША: Би му кажал дека е убаво да се биде дел од Мотоцентар затоа што имаш можност да учиш, да стекнеш искуство и да се усовршуваш во својата работа. Важно е да се има добар тим, поддршка и можност трудот да биде препознаен од одговорните.
ДЕЈАН: Мотоцентар е компанија во која можеш многу да научиш, да стекнеш искуство и да напредуваш. Јас сум тука речиси 10 години и за тоа време научив многу работи, стекнав добри колеги и имав можност да се развивам во својата професија.
6. Во компанијата си околу 10 години. Се сеќаваш ли на првиот работен ден?
НЕБОЈША: Се сеќавам. Кога дојдов, не знаев ништо околу работата со возила, но со текот на годините научив многу и стекнав сигурност, а голема помош имав и од колегите и претпоставените. Денес, по речиси 10 години, можам само да кажам дека ми е драго што сум дел од Мотоцентар.
ДЕЈАН: Секако дека се сеќавам. Како и на секој почеток, така и јас имав многу трема и многу нови работи за учење. Кога ќе погледнам наназад, задоволен сум од сето искуство и знаење што го стекнав тука низ годините.
7. Во што ги гледаш најголемите разлики во изминатиот период од 10 години?
НЕБОЈША: Во изминатите 10 години има многу промени во опремата, технологијата и начинот на работа. Возилата се менуваат, а со тоа и начинот на работа. Сметам дека најважно е да го одржуваме квалитетот, да бидеме професионални и да продолжиме да се подобруваме.
ДЕЈАН: За овие 10 години многу работи се променија. Се развиваа сервисот и компанијата, се менуваа начинот на работа и опремата, а се зголемуваа и барањата од одговорните и клиентите.
Им благодариме на Дејан и Небојша за нивната лојалност, посветеност и ангажираност во изминатите речиси 10 години.
