Според последните податоци на Евростат, во 2024 година 68% од населението во домаќинствата на ЕУ поседувало сопствен дом. Овој удел е малку помал од 69% во 2023 година.
Истовремено, уделот на луѓе кои живеат под кирија се зголемил. Во 2024 година достигнал 32%, додека во 2023 година изнесувал 31%.
Највисок удел на сопственост на домови во Европската Унија е забележан во Романија. Таму 94% од населението живее во сопствен дом.Потоа следуваат Словачка со 93% и Унгарија со 92%. Во овие држави сопственоста на домови значително доминира.
Во поголемиот дел од земјите членки на ЕУ, поседувањето сопствен дом е почеста практика. Сепак, Германија претставува исклучок. Во Германија, изнајмувањето домови е почесто од сопственоста. Таму 53% од населението живее како закупец. По Германија, следуваат Австрија со 46% население што живее под кирија и Данска со 39%.
Последните достапни регионални податоци на Евростат се однесуваат на 2023 година. Според нив, најголем удел на сопственост има Албанија со 95,5%. Потоа следуваат Хрватска со 91,2%, Србија со 89,9% и Македонија со 87,1%. По Македонија се Бугарија со 86,1% и Грција со 69,6% население што живее во сопствен дом.
Кога станува збор за изнајмување станови во регионот, најголем удел има Грција. Во 2023 година таму 30,4% од населението живеело под кирија. Потоа следуваат Бугарија со 13,9%, Македонија со 12,9% и Србија со 10,1%.
Во Хрватска 8,8% од населението живеело под кирија, додека во Албанија уделот изнесувал 4,5%.
