Матичните лекари и понатаму ќе можат да одобруваат боледување до 15 дена, но за отсуство подолго од пет дена ќе бидат потребни дополнителни медицински наоди, во зависност од дијагнозата.
Како ќе се одобрува боледувањето?
-
До 5 дена – врз основа на преглед и проценка на матичниот лекар.
-
Од 6 до 15 дена – со соодветна медицинска документација, лабораториски анализи или специјалистички преглед, зависно од заболувањето.
-
Над 15 дена – со одобрение од лекарска комисија на ФЗО.
-
Над 60 дена – по правило, со конзилијарно мислење од тројца специјалисти, со исклучоци за одредени тешки заболувања.
Доколку пациентот повторно се разболи во рок од 30 дена по завршувањето на боледувањето, со иста или сродна дијагноза од истата група, за новото отсуство по правило ќе одлучува лекарска комисија.
Се ограничува и ретроактивното отворање боледување, додека постапката за продолжување на отсуството над 15 дена ќе се дигитализира.
Од Фондот за здравствено осигурување нагласуваат дека измените не го ограничуваат правото на боледување, туку имаат цел да воспостават појасни медицински критериуми и да ги поедностават административните постапки.
