Четири дена работа, три дена одмор – Можно ли е ова во Македонија?
Актуелно

Четири дена работа, три дена одмор – Можно ли е ова во Македонија?

06. 04. 2026.

Сѐ почесто во јавноста се отвора прашањето дали четиридневната работна недела може да стане реалност и во Македонија.

Додека во дел од европските земји четиридневната работна недела веќе дава резултати во зголемена продуктивност и подобар баланс меѓу работата и приватниот живот, кај нас мислењата се поделени. Синдикатите ја поддржуваат идејата како чекор кон подобар стандард, додека работодавачите предупредуваат дека економијата и бизнис-секторот сè уште не се подготвени за ваква промена. Прашањето е дали оваа иницијатива може да прерасне во реалност и да се преточи во закон или ќе остане само предлог на хартија.

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека ваквите прашања треба да се решаваат преку дијалог меѓу работодавачите и работниците, а не да се сведуваат на дневно-политичка тема. Сепак, тој смета дека е важно политичарите и бизнис-заедницата да разменуваат мислења и да се консултираат со цел да се најде најдоброто решение за работниците.

– Работното време, годишните одмори, бонусите и другите права кои произлегуваат од Законот за работни односи се уредуваат со колективни договори. Тоа значи дека работното време во една компанија се договара меѓу работодавачот и работниците и се преточува во заедничко решение. И досега постоеше практика преку колективни договори да се регулира работното време и бројот на работни денови во неделата, согласно потребите на двете страни. Доколку компаниите во приватниот сектор имаат можност, препорачливо е да овозможат намалување на работните денови, работа од дома и слично, со цел да ги намалат трошоците, за што не е потребно носење на посебен закон, изјави Бошков за „Локално“.

Европските трендови одат во насока на намалување на работните часови и скратување на работната недела под 40 часа. Во дел од европските земји веќе се спроведени анализи кои покажуваат дека пократката работна недела позитивно влијае врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со тоа и врз добивката на работодавачите.

-Сојузот на синдикатите на Македонија се залага за воведување 35-часовна работна недела. Како земја аспирант за членство во ЕУ, Македонија треба да се движи кон седумчасовен работен ден или четиридневна работна недела, наместо да се воведуваат решенија со подолго работно време. Продуктивноста, не зависи од должината на работното време, туку од подобри услови за работа, современи технологии, соодветни плати и почитување на правото на одмор. Во спротивно ни се заканува уште поголем одливот на работна сила од земјата“, вели за „Локално“ Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.