Според документите од Министерството за финансии, просечната пензија ќе скокне за 2.130 денари, што ќе овозможи пензиите на поголем дел од пензионерите да достигнат над 21.000 денари и ова покачување ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во државава.
Повисоки плати ќе има и за вработените во јавната администрација. Така, вработените во МВР, здравството, образованието и во општинските служби ќе добијат меѓу 3.200 и 6.800 денари повисока плата во зависност од институцијата и рангот на работното место. Со ваквото покачување, се очекува просечната плата во државните институции да достигне 45.000-50.000 денари, што е највисоко ниво досега.
Минималната плата се зголеми на 24.500 денари, што автоматски повлекува раст на целиот платен систем, вклучително и колективните договори, а финансиско олеснување добиваат и родителите, затоа што се зголемуваат детските и образовните додатоци, како и социјалните трансфери за најранливите категории.
Министерката за финансии објасни дека зголемувањата се резултат на добра наплата на даноците, стабилен раст и на дисциплинирано трошење. Оние, пак, што ги критикуваат потезите на Владата, велат дека зголемувањата доаѓаат во изборна година и дека зад економските бројки има политичка калкулација.
Извор: vecer.press
