За македонските возачи, граѓаните кои патуваат со автомобил во странство, покрај потребата да имаат зелен картон, патничко осигурување, неопходно е да имаат и меѓународна возачка дозвола, која има важност три години. Во земјите од регионот, меѓу кои и Грција и Хрватска, Македонците задолжително треба да поседуваат меѓународна возачка, во спротивно казната изнесува околу 200 евра.
Согласно со потпишаните конвенции и правните регулативи на Република Македонија, за патување со моторно возило надвор од државата потребни се следниве документи:
Меѓународната возачка дозвола се издава согласно со Меѓународната конвенција за сообраќај на патиштата, усвоена на 8 ноември 1968 година во Виена;
Одобрение за управување туѓо моторно возило се издава врз основа на овластувањата на АМСМ добиени од страна на FIA – организација којашто ги обединува сите авто-мото и туринг клубови, како и здруженија на светско ниво.
Истите можете да ги извадите 24/7 во АМСМ Центар.
Потребни документи за МЕЃУНАРОДНА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА издадена во Македонија:
- 2 фотографии (45мм x 35 мм)
- Лично присуство со документ за идентификација (лична карта или пасош)
- Национална возачка дозвола
- Потврда од Министерство за внатрешни работи за прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило (се издава од страна на МВР во АМСМ).
- Барање за издавање меѓународна возачка дозвола можете да ја извадите на овој линк.

Според АМСМ меѓународна возачка дозвола не е потребна за следните држави: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Косово, Србија, Црна Гора, Романија, Велика Британија и Шпанија, во сите други земји, меѓународната возачка дозвола е задолжителен документ.
Доколку планирате патување во странство, а немате сопствено возило, тоа можете да го сторите со туѓо моторно возило, но потребно е да се снабдите со Одобрение за управување со туѓо моторно возило надвор од границите на Македонија. Овој вид на одобрение се издава со максимален рок на важност од една година, а се што ви е потребно е сообраќајна дозвола од возилото кое се дава на користење, лична карта на сопственикот, патна исправа на корисникот, лично присуство на сопственикот и корисникот.
Во земјите каде што е потребно да се поседува меѓународна дозвола, на граничните премини не ја бараат, но ако случајно ве сопре полиција при патувањето и ви ја побара, а ја немате, може да бидете казнети со 50 до 300 евра.
Експертите велат дека во случај на некоја сообраќајна незгода, а не сте виновни, ако не поседувате меѓународна возачка дозвола вие ги сносите сите трошоци и дополнително, можно е да бидете казнети од тамошната сообраќајна власт.
