Срцевите болести сè уште се водечки причинители на смрт, затоа е важно да се посвети внимание на навиките кои долгорочно му користат на срцето и го намалуваат ризикот од развој на сериозни болести.
Д-р Рим Хасан објаснува дека не е потребно да се воведуваат драстични промени за да се подобри здравјето на срцето, туку се работи за обидот да се создадат одржливи навики.

„Малите промени, на секојдневно ниво, се тоа што долгорочно го штити вашето срце“, изјавила таа, а пренесува „Unilad“. Како една од најефикасните навики, таа ја истакнала кратката, но редовна физичка активност за време на работниот ден.
За луѓето кои работат со часови во канцеларии, д-р Хасан посебно нагласува значењето на секојдневното движење. Таа потенцирала дека „брза 30-минутна прошетка дневно може да го намали крвниот притисок, да го намали воспалението и да го зајакне срцето“.
Но, таа додава дека дури и оние кои немаат време за половина час пешачење не се без опција, бидејќи и „три до пет минути движење помеѓу состаноците може да бидат изненадувачки ефикасни“. Како што наведува, „не станува збор за совршенство или интензитет; конзистентноста е тоа што прави разлика“.

Покрај движењето, д-р Хасан препорачува и други едноставни промени кои можат да го поддржат долгорочното здравје на срцето. Таа советува да се намали внесот на алкохол, почесто да се избира разновидна и шарена храна, како и редовни лекарски прегледи за навремено откривање на потенцијални проблеми. Според нејзините зборови, токму таквите постепени чекори можат долгорочно да имаат голем позитивен ефект.
