Протести, тензии и 441 амандман: Како се роди Уставот на Македонија?
Актуелно

Протести, тензии и 441 амандман: Како се роди Уставот на Македонија?

17. 11. 2026.

На денешен ден, пред точно 35 години, Собранието на Република Македонија го донесе првиот Устав на независната држава. Историската одлука беше донесена во време на распадот на Југославија, политички тензии и протести пред Собранието.

На 17 ноември 1991 година, со 92 гласа „за“, беше усвоен Уставот на Република Македонија. Свечената седница започна доцна навечер, во 22 часот, а документот стапи во сила на 20 ноември истата година.

Подготовката траеше повеќе од шест месеци, во период кога во Словенија и Хрватска веќе се водеа војни, а Македонија го трасираше патот кон самостојност.

Процесот започна во мај 1991 година, по иницијатива на тогашниот претседател Киро Глигоров. Уставниот текст го подготвуваше експертска група, а во неговото разгледување учествуваше собраниската Комисија за уставни прашања, предводена од Стојан Андов.

Дури 441 амандман биле поднесени на предлог-уставот, од кои биле прифатени само 52. Најголемите несогласувања се однесувале на дефинирањето на државата, преамбулата и правата на националностите.

Последните денови пред усвојувањето биле особено напнати. На 14 ноември собраниската седница била прекината поради опасност од блокада, додека пред Собранието се одржувале протести. По обраќањето на претседателот Глигоров, расправата продолжила.

И покрај несогласувањата, на 17 ноември Македонија го добила својот прв Устав како независна и суверена држава.

За 35 години, Уставот претрпел вкупно 36 амандмани. Првите измени биле направени во јануари 1992 година, значајни промени следувале по Охридскиот рамковен договор во 2001 година, а последните четири амандмани биле усвоени во 2019 година, по Преспанскиот договор.

Три и пол децении подоцна, Уставот останува темел на државното уредување, но и документ околу кој продолжуваат дебатите за нови измени.