Скандалозен ревизорски наод во ЈП „Национални шуми“ открива сериозни злоупотреби и лошо управување со ресурсите.
Наместо да ја извршуваат својата основна работа – сеча, дотур и редење дрва – дури 73% од вработените шумски работници извршуваат административни задачи во канцеларии. Истовремено, повеќе од половина од производниот процес се препушта на надворешни изведувачи, што дополнително ја зголемува зависноста и трошоците на претпријатието.
Ревизорите утврдиле дека електронскиот систем за следење на дрвната маса, вреден над половина милион евра и воведен уште во 2017 година, воопшто не се користи од шумската полиција и инспекторатот. Оваа неактивност значително ја намалува можноста за контрола, следливост и транспарентност во управувањето со дрвните ресурси – од сеча до продажба.
Финансиската состојба е загрижувачка: акумулирани долгови од 17,5 милиони евра, големи обврски кон државата и побарувања стари над пет години, за кои постои ризик да не бидат наплатени. Во извештајот се нотираат и неправилно евидентирани инвестиции, бесправни градби, погрешна класификација на материјали, како и пропусти во заштитата на шумите од пожари, болести и бесправна сеча.
