Кавадарци, 3 јули – DRÄXLMAIER им додели сертификати за успешно завршена практична обука по индустриска мехатроника на практикантите од четврта година опфатени во програмата за дуално образование која континуирано се спроведува во рамки на компанијата. Настанот претставуваше значаен момент за младите практиканти, но и за DRÄXLMAIER, која годинава одбележува 10 годишен јубилеј од имплементацијата на дуалниот образовен модел според германски стандарди во земјата.
Програмата е дизајнирана да обезбеди ефективна синергија меѓу теоретската настава реализирана во партнерските средни технички училишта и практичната обука која се одвива во најсовремена специјализирана училница во рамки на производствените капацитети на DRÄXLMAIER Македонија.
Практикантите се обучуваат од страна на сертифицирани тренери, а преку структуриран менторски пристап директно се вклучуваат во реални производствени и оперативни процеси, со што стекнуваат релевантни технички компетенции, професионални навики и подготвеност за работа во современа индустриска средина.
Во знак на признание за постигнатите резултати и покажаниот потенцијал, на дел од најуспешните практиканти им се понудени договори за вработување во DRÄXLMAIER, со што им се овозможува континуитет во професионалниот развој и директна интеграција на пазарот на трудот. Друг дел од завршените практиканти го продолжуваат своето образование на техничките факултети во земјава.

На настанот за одбележување на 10 годишнината кадешто беа доделени и сертификатите за успешно завршена практична настава, присуствуваа дел од родителите, претставници на партнерските технички училишта како и членови на менаџментот на компанијата.
„Програмата за дуално образование претставува стратешка инвестиција во одржливиот развој на индустријата“, изјави Томаш Мацура, Генерален менаџер на DRÄXLMAIER Македонија. „Веќе една деценија систематски работиме на развој на висококвалификувани млади професионалци кои се подготвени да дадат реален придонес уште од првиот работен ден. Преку практична обука на современа опрема и активно учество во работните процеси обезбедуваме нивните знаења и вештини целосно да одговараат на тековните и идните потреби на пазарот на трудот“.
Како пионер и лидер во имплементацијата на дуалното образование во земјата, DRÄXLMAIER доследно придонесува кон премостување на јазот меѓу образованието и индустријата. Долгорочната стратегија на компанијата е насочена кон создавање кадри со висока додадена вредност кои се целосно подготвени за динамичните барања на современиот индустриски сектор, со што се поддржуваат и одржливото вработување и економскиот раст.
„Драго ми е што имав можност да посетувам практична настава во DRÄXLMAIER и да ги изучувам тајните на мехатрониката, особено во време когa технологијата и дигитализацијата се развиваат со голема брзина, а тука ги има сите можности за учење и за професионален развој. Среќен сум што ќе почнам едно ново поглавје како дел од тимот на DRÄXLMAIER во Кавадарци“, рече практикантот Димитар Панов.
Програмата за дуално образование во DRÄXLMAIER останува еден од столбовите на корпоративната стратегија за развој на човечки потенцијали во компанијата, осигурувајќи дека преку структуриран менторски пристап, современа технологија и тесна соработка со образовниот сектор може успешно да се изградат стабилни, долгорочни и одржливи кариери во индустријата.
