Македонските административци земаат неплатен одмор за да работат на Јадран
Актуелно

Македонските административци земаат неплатен одмор за да работат на Јадран

21. 05. 2026.

Трендот на заминување на сезонска работа во Хрватска продолжува и оваа година.

Секоја сезона бројот на Македонци што заминуваат да работат на Јадранското Приморје е сѐ поголем, а, освен младите, последниве години на ваков чекор се одлучуваат и повозрасните граѓани, како и вработените во државната администрација, кои земаат неплатен одмор за да заработат повеќе во текот на летната сезона. Хотелите, рестораните и туристичките комплекси покрај јадранското крајбрежје веќе неколку години се потпираат на работниците од регионот, а меѓу нив сѐ побројни се и работниците од Македонија. Недостигот на домашна работна сила во туристичкиот сектор ги принуди хрватските работодавци да бараат кадар од соседните земји, нудејќи подобри услови и значително повисоки примања.

Најголем интерес има за работните позиции како келнер, готвач, шанкер, рецепционер и хигиеничар. Работодавците најчесто обезбедуваат сместување, еден или два оброка дневно, а платите се движат од 1.000 до 5.000 евра, зависно од работната позиција, искуството и од бакшишот. За многумина, тоа претставува далеку подобра заработка од онаа што може да ја добијат за слична работа дома.

Најбарани дестинации и понатаму се туристичките центри како Сплит, Дубровник, Задар и Истра, каде што туристичката сезона веќе е во полн ек. Дел од сезонските работници велат дека за неколку месеци работа успеваат да заработат доволно средства за да обезбедат финансиска стабилност за остатокот од годината.

Експертите предупредуваат дека овој тренд дополнително го продлабочува недостигот на кадар во угостителството и туризмот во Македонија, каде што работодавците сѐ потешко наоѓаат квалификуван персонал, особено во летниот период.

– Хрватските сезонски работни понуди се најатрактивни за македонските граѓани, бидејќи нудат повеќе придобивки што се привлечни за работната сила од Македонија. Она што особено привлекува интерес е можноста за комуникација на хрватски јазик, што за голем дел од македонските работници е многу важно, имајќи предвид дека повеќе од 70 отсто од сезонските работници не зборуваат друг странски јазик, како англиски или германски. Токму затоа има и голем број „млади“ пензионери што бараат работа во Хрватска, но и лица вработени во државните институции и претпријатија. На годишно ниво, овој број изнесува околу 1.500 лица – изјави за весникот ВЕЧЕР Зоран Кочоски, директор на агенцијата за посредување при вработување „Коузон“.

Освен гарантирано сместување и храна, хрватските работодавци нудат и низа други поволности што дополнително ги привлекуваат македонските сезонски работници. Меѓу нив е и флексибилноста околу работните квалификации, бидејќи голем број работодавци вработуваат лица и без претходно работно искуство. Дополнително, се нуди можност за заедничко вработување парови или групи пријатели, што на многумина им ја олеснува одлуката за заминување. За работниците особено привлечно е и тоа што во текот на сезоната имаат можност да ги користат слободните денови за одмор и престој на плажа, што ја прави работата на Јадранското Приморје уште поатрактивна.

– Привлечни се и понудите за работа што траат само два-три месеци, односно во шпицот на туристичката сезона. Ова е особено важно за вработените во државната администрација, кои последниве години земаат неплатен одмор и заминуваат на сезонска работа во Хрватска, каде што не само што заработуваат повеќе отколку во Македонија туку имаат и можност да поминат дел од летото на море – вели Кочоски.

На сезонска работа на Јадранското Приморје сѐ почесто заминуваат и лица што имаат флексибилни работни ангажмани, фриленсери, како и луѓе што работат од дома. Дел од нив успеваат да ја комбинираат својата редовна работа со сезонски ангажмани во туризмот, најчесто како собарки, келнери, помошници во кујна и друг вид помошен персонал, користејќи ја можноста истовремено да заработат дополнителни приходи и да престојуваат на море.

Според податоците од хрватското Министерство за внатрешни работи, во 2026 година најмногу работни дозволи добиле државјаните на Босна и Херцеговина, по што следуваат работниците од Филипините, Непал, Србија и од Македонија.

Во моментов, најголем број странски работници во Хрватска се ангажирани во дејностите угостителство, туризам и градежништво, каде што побарувачката за работна сила постојано расте.

Извор: vecer.press