Над 8.800 слободни места за бруцоши: Почнаа уписите на УКИМ
Актуелно

Над 8.800 слободни места за бруцоши: Почнаа уписите на УКИМ

18. 08. 2026.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ги започна уписите за новата академска година.

Кандидатите кои сакаат да студираат на најголемиот државен универзитет денеска и утре можат да се пријават во првиот уписен рок. На 23-те факултети на УКИМ годинава се отворени вкупно 8.851 место за бруцоши.

Од нив, 4.395 места се предвидени во државната квота, 3.621 за редовни студенти со кофинансирање, а дополнителни 835 места се наменети за вонредни студенти.

Најголем број студенти може да прими Медицинскиот факултет, каде се предвидени 950 места. Следуваат Филолошкиот факултет со 805 и ФИНКИ со 800 места.

На Економскиот факултет има 655 слободни места, на Филозофскиот 635, а на Природно-математичкиот факултет 626. ФЕИТ и Машинскиот факултет располагаат со по 600 места, додека на Правниот факултет може да се запишат 555 бруцоши.

Студентите кои ќе бидат примени во државната квота ќе плаќаат надомест од 200 евра во денарска противвредност. За редовните студенти со кофинансирање, како и за вонредните студенти, надоместот изнесува 400 евра.

По завршувањето на пријавувањето, конечната ранг-листа треба да биде објавена на 27 август. Запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември.

За факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има уште две можности за упис. Вториот уписен рок е закажан за 10 и 11 септември, а третиот за 23 септември.

Кандидатите најпрво треба да се регистрираат преку системот за уписи на УКИМ, да ја пополнат електронската пријава во iKnow, а потоа постапката да ја завршат во службата за студентски прашања на факултетот што го избрале.

Конкурсот ги содржи и сите детали за условите за упис, потребните документи, начинот на селекција и пресметувањето на бодовите врз основа на успехот и резултатите од државната, стручната или уметничката матура.

Годинава има и промена во бројот на места на универзитетите. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, вкупниот број слободни места е намален за околу 2.000 по анализа на потребите на пазарот на труд.

Квотите се намалени кај дел од струките во кои има поголем број невработени лица. Од друга страна, кај информатиката, машинството, градежништвото и другите технички области бројот на места е задржан речиси на исто ниво поради поголемите можности за вработување.