Во скопските кафеани велат дека без жива музика нема ни полни маси, а без полни маси, целиот декември им паѓа во вода.
„Ако нема музика, нема ни гости, едноставно е“, коментира еден од угостителите, свесен дека токму тој дел од трошоците е најболниот и најскапиот.
И навистина… за македонските пејачи хонорарите почнуваат од околу 400 евра за вечер, па одат до 2.000 евра.
Српските – неколку скалила погоре. Таму границата се поместува од 5.000 евра па нагоре, без многу преговарање, без премногу драма. Такви им се цените, а кој сака нека плати.
Во дел од кафеаните менијата се сведени на едно ливче, изборот е скромен, но сметките лесно ја минуваат психолошката бариера од неколку илјади денари по човек.
Угостителите не кријат дека и тие живеат со своја пресметка: високата инфлација, поскапениот репроматеријал, платите што морале да ги кренат за да задржат барем дел од работниците – ако успеат да ги најдат, бидејќи половина се веќе надвор од земјава.
Еден познавач на секторот вели дека „угостителството одамна се бори за воздух, а декември е единствениот месец каде што можат малку да соберат сила“.
Па затоа и цените летаат, некогаш и без јасно образложение, освен она неизговореното: „сега ни е шансата“.
Од друга страна, има и угостители кои отворено признаваат дека најголемиот дел од вечерната сметка завршува кај пејачите и бендовите.
„Ниту храната, ниту пијалакот ни ги трошат нервите колку хонорарите за музика“, објаснува еден од нив, со полунасмевка што повеќе личи на резигнираност отколку на хумор.
Знае дека без музика не може, но знае и дека тоа е трошок што го „јаде“ поголемиот дел од заработката. А и да сакате да се откажете – гостите ќе ви замерат. Некои ќе се свртат и ќе си одат. Други ќе кажат дека „не е тоа тоа“.
Аналитичари кои го следат овој бран на празнична еуфорија укажуваат дека балканскиот пазар на забава одамна функционира по логика што не важи во други индустрии.
Побарувачката не паѓа дури ни во години со кризи, а понудата – колку и да е ограничена, знае дека ја диктира играта.
„Тоа е чудото на регионов. Може сè да недостига, ама музика… таму нема компромис“, ни кажа еден експерт кој подолго време ја анализира сцената.
И навистина, кога ќе се приближи крајот на годината, угостителите се туркаат по истиот список на пејачи, сите со свои услови и барања, а синџирот на трошоци оди само нагоре.
Сепак, повеќето велат – еднаш годишно се слави Нова година. Другите, пак, се колебаат, гледаат во сметката и си мислат… „може догодина“.
