Пензионери, студенти, невработени во новата година ќе можат да работат без страв дека ќе ги изгубат стекнатите права
Актуелно

Пензионери, студенти, невработени во новата година ќе можат да работат без страв дека ќе ги изгубат стекнатите права

03. 01. 2026.

Од 1 јануари стапи во сила Законот за работно ангажирање лица, кој треба да воведе ред во сезонското и повременото работење. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека се очекува формализација на 12 000 работници во земјоделството и 5 400 во туризмот и угостителството, сектори каде што сивата економија е најизразена.

Новото решение овозможува пензионери, студенти, невработени и корисници на социјална помош да работат без да ги изгубат своите веќе стекнати права.

„Во првата фаза со законот се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството“,рече Дурмиши.

Тој вели дека со законот се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси.

Работодавачите добиваат поедноставени електронски процедури за пријавување, додека работниците добиваат исплата по час и осигурување во случај на повреда. Според Дурмиши, ова е системски одговор на предизвикот со неформално вработените, кои во 2024 година изнесувале околу 85 000 лица.

Дурмиши, освен за Законот за работно ангажирање на лица, информираше и дека од вчера е во сила и Законот за финансиска поддршка на инвестициите за кој рече дека е силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето.

„Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати, при што компаниите можат да добијат до 20 проценти од исплатената нето плата, односно до 4 400 евра годишно по лице, како и значителна поддршка за истражување и развој, до 50 проценти од оправданите трошоци и максимален износ од еден милион евра. На тој начин ја охрабруваме трансформацијата на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност“,кажа Дурмиши. 

Комбинацијата од овие два закона, укажа Дурмиши, значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна финансиска поддршка на формалната економија.

Прашан дали ќе има прочистување на списокот во Агенцијата за вработување каде има невработени кои земаат социјална помош, а не прифаќаат вработување, наведе дека со новиот закон што е во сила тие нема да ги губат правата како невработени, но ќе имаат можност да бидат вработени во дејностите земјоделство, рибарство, шумарство, угостителство.