Македонија се соочува со сериозен недостиг од клучни специјалисти
Актуелно

Македонија се соочува со сериозен недостиг од клучни специјалисти

17. 06. 2025.

Македонија се соочува со сериозен недостиг од клучни специјалисти, но младите лекари сè поретко ги избираат токму овие насоки. Иако државата отвора конкурси, дел од местата остануваат непополнети, а дел се пополнуваат со лекари кои по неколку години заминуваат во странство.

Без онколог борбата со ракот е невозможна. Без радиолог – нема дијагноза. Без анестезиолог – нема хирургија. Македонија се соочува со сериозен недостиг од клучни специјалисти, но младите лекари сè поретко ги избираат токму овие насоки. Иако државата отвора конкурси, дел од местата остануваат непополнети, а дел се пополнуваат со лекари кои по неколку години заминуваат во странство. Со секоја „непривлечна“ специјализација губат пациентите – со месеци чекаат преглед, дијагноза, па резултати.

„Ако во самиот старт на студиите на колегата му обезбедите место за шест години по завршувањето верувајте тој колега нема да замине. Проблемот е што имате колеги што заминуваат заради самоволието на директорите кои не сакаат да ги вработат и во моментов имате колеги кои покрај завршената специјализација и завршени шестгодишни студии се невработени или работат со договор на дело што за мене е срамно“, изјави д-р Бојан Трајковски – Асоцијација на специјализанти и млади лекари.

Потребна е Национална стратегија – колку лекари од која специјалност недостигаат.

Платата од 26 илјади денари недоволна за основните трошоци за живот, која ја земаат младите лекари на специјализација. Велат, во клиниките се евтина работна сила, без поддршка од институциите.

„Завршен студент по медицина ќе го заинтересирате ако му дадете работа и ако му дадете можност да се едуцира за таа работа. Ако бидат вработени веднаш после студирањето и да им се пружи можност да завршат специјализација и треба да има распределба каде што е потребно“, изјави проф. д-р калина Гривчева Старделова – претседателка на Лекарската комора.

Според Лекарската комора, најголем број млади лекари заминуваат на специјализација во Германија и во Словенија – и таму остануваат.

Извор: МРТ