Трудница тргнала на пат – ја вратиле од граница бидејќи е на боледување
Актуелно

Трудница тргнала на пат – ја вратиле од граница бидејќи е на боледување

15. 03. 2026.

Лице кое е на боледување не смее да го напушти местото на живеење или државата без дозвола од лекар или комисија на Републичкиот фонд за здравствено осигурување.

Според медиумски извештаи, трудница од Србија била вратена од граничниот премин бидејќи системот покажал дека е на трудничко боледување. Случајот повторно отвори дебата дали станува збор за законска обврска или за погрешна интерпретација на правилата.

Според Законот за здравствено осигурување во Србија, лице кое е на боледување не смее да го напушти местото на живеење или државата без дозвола од лекар или комисија на Републичкиот фонд за здравствено осигурување.

Експертите објаснуваат дека овој закон не е нов, но проблемот станал поочигледен по воведувањето на системот е-боледување, бидејќи институциите сега многу полесно можат да проверат дали некој е на боледување.

Сепак, дел од институциите нагласуваат дека на трудниците формално не им е забрането патување. Проблемот настанува ако се прекршат правилата за боледување, што може да доведе до санкции или губење на надоместокот.

Иако станува збор за случај од Србија, темата отвора важно прашање и за Македонија – колку системите за контрола на боледувања се неопходни.

Во последните години и кај нас сè почесто се зборува за злоупотреба на боледувања. Работодавците предупредуваат дека не е редок случај некој да отвори боледување, а во исто време да патува, да оди на одмор или едноставно да го користи времето како продолжен викенд.

Токму затоа воведувањето дигитални системи и подобра контрола се гледа како позитивен чекор. Фактот што системот може да покаже дали некој е на боледување значи дека правилата конечно почнуваат да функционираат.

Бидејќи реалноста е дека во многу компании постојат ситуации кога некој е на боледување, а во меѓувреме лежи на плажа додека колегите ја завршуваат неговата работа.

Затоа прашањето не е дали треба да има контрола, туку како таа да биде праведна – да ги спречува злоупотребите, а истовремено да не создава апсурдни ситуации за луѓето кои навистина имаат потреба од боледување.

На крајот, суштината е едноставна: боледувањето постои за болни луѓе – не за одмор.