Местото во Грција за кое сите зборуваат: Лежалките се бесплатни, сместувањето е прифатливо и има долга плажа
Актуелно

Местото во Грција за кое сите зборуваат: Лежалките се бесплатни, сместувањето е прифатливо и има долга плажа

15. 06. 2026.

Врахос е мирно, семејно одморалиште на брегот на Јонското Море, кое во последниве години привлекува сè поголем број туристи. Познат по својата долга песочна плажа, чисто море и опуштена атмосфера, тој е одличен избор за семејства со деца подалеку од гужвите.

Врахос е една од грчките дестинации која остава позитивен впечаток кај поголемиот дел од туристите. Иако на социјалните мрежи може да се сретнат и неколку негативни коментари, тие најчесто се однесуваат на повремените силни бранови и на тоа што местото нема класично шеталиште покрај морето.

Посетителите најмногу ја пофалуваат пространата плажа долга неколку километри, кристално чистото море и постепеното влегување во водата, што ја прави идеална за семејства со мали деца. Дополнителна предност е што Врахос не е пренатрупан ниту во шпицот на летната сезона, па нуди мирен и релаксирачки одмор. Во многу барови и плажни локали не се наплаќаат лежалките, туку е доволно да се направи минимална нарачка.

Туристите често истакнуваат дека цените во рестораните и кафулињата се поповолни отколку во попознатите грчки летувалишта. Гостопримливите домаќини, пријатната атмосфера и спектакуларните зајдисонца се уште неколку причини поради кои посетителите се враќаат повторно.

Врахос е особено популарен меѓу семејствата, благодарение на безбедните плажи и тивката околина. Во местото има слаткарници, детски содржини и објекти прилагодени за најмладите, додека отсуството на гласен ноќен живот овозможува вистински одмор.

Што се однесува до сместувањето, најголем дел од понудата ја сочинуваат апартмани, студија и вили сместени во непосредна близина на плажата. Повеќето располагаат со клима, бесплатен Wi-Fi и паркинг, а многу од нив нудат и прекрасен поглед кон морето. Достапни се опции за различни буџети, од попристапни семејни апартмани до модерни вили.

Главната плажа, која се протега сè до соседниот Лутса, е комбинација од песок и ситни камчиња и располага со лежалки, чадори, барови и таверни. Љубителите на активен одмор можат да уживаат во педалинки, кајаци и други водени спортови.

Освен главната плажа, во околината има и помали заливи погодни за оние што бараат поголем мир. Кога морето е побрановито, искусните туристи препорачуваат посета на плажите Алоники или Амуди, каде условите се помирни.

Врахос е одлична почетна точка и за еднодневни излети. Во близина се наоѓаат живописната Парга, островите Паксос и Антипаксос, како и реката Ахерон, кои нудат комбинација од природни убавини, историја и автентичен грчки дух. За оние кои сакаат повеќе авантура, островот Лефкада е оддалечен околу два часа возење и нуди некои од најпознатите грчки плажи, меѓу кои Порто Кацики и Егремни.

 

Извор:faktor.mk