Декемвриската еуфорија, празничните трпези, подароците и „ајде уште ова, еднаш е Нова година“ завршуваат брзо, а јануари доаѓа тивко, ладно и пресметливо.
Сметките стигнуваат, ратите не чекаат, а платата, барем кај многумина, изгледа како да поминала покрај банкомат без да застане.
Според податоци од банкарскиот сектор, значителен дел од граѓаните влегуваат во новата година со активни кредити, дозволен минус или картички кои веќе се „до плафон“.
Аналитичарите велат дека јануари традиционално е месец со најизразен финансиски притисок, бидејќи се поклопуваат повеќе обврски: редовни рати, зголемени сметки за струја и греење, како и заостанати трошоци од декември. И тука веќе нема простор за илузии.
„Граѓаните често не ја чувствуваат вистинската тежина на трошоците додека не завршат празниците. Тогаш доаѓа моментот на соочување – кога ќе се погледне изводот од банка и ќе се види реалната состојба“, објаснуваат финансиски експерти.
Според нив, дозволениот минус станал речиси стандардна алатка за преживување, а не исклучок. Особено кај домаќинствата со пониски приходи, каде што секое „пречекорување“ во декември автоматски значи неколку месеци стегање на ременот потоа.
Податоците покажуваат дека најмногу задолжени се граѓаните на возраст од 30 до 55 години – луѓе со семејства, кредити за стан, автомобил или потрошувачки заеми.
Тие формално имаат редовни примања, но реално живеат на раб меѓу плата и плата.
„Проблемот не е само во висината на приходите, туку и во структурата на трошоците. Кога основните потреби земаат најголем дел од платата, секој дополнителен трошок турка во минус“, велат познавачи на состојбите.
Јануари, според нив, е и месец кога најчесто се земаат нови краткорочни кредити, не за инвестиции, туку за покривање на стари обврски.
Еден долг гаси друг, а кругот се затвора. И тука веќе почнува она тивкото чувство на финансиска исцрпеност, кога луѓето не зборуваат многу, туку само пресметуваат. Или престануваат да пресметуваат, затоа што бројките не им одат во прилог…
Иако банките формално бележат стабилност, експертите предупредуваат дека зад таа слика се крие зголемен личен ризик кај граѓаните.
Секој нов месец започнат во минус значи помалку простор за непланирани трошоци, а животот, како што знаеме, ретко прашува дали е згоден момент.
„Финансиската ранливост не се гледа веднаш, но се акумулира. Јануари е само најгласниот показател“, велат тие.
И додека календарот покажува нов почеток, за многумина реалноста е сосема поинаква.
Новата година не почнува од нула, туку од црвена бројка. А колку ќе трае тој минус, зависи од тоа дали следните месеци ќе донесат повеќе разум… или уште еден декември, предвреме.
