Српскиот гениј го напуштил овој свет на 7 јануари 1943 година, на 86-годишна возраст, а неговата смрт до ден-денес е обвиена со мистерија.
Според официјалниот наод, Тесла починал од срцева тромбоза, во 22 часот и 30 минути, во апартманот 3327 на 33. кат од хотелот „Њујоркер“. Сепак, постојат и теории кои сугерираат дека Никола Тесла бил убиен.
Според овие теории, неговата смрт можела да биде резултат на заговор во кој биле вклучени бројни моќни организации, вклучувајќи и владини структури, кои стравувале дека неговите изуми и идеи би можеле да ја загрозат нивната моќ. Сепак, за ваквите тврдења до денес не е пронајден ниту еден доказ, па најверојатно српскиот научник починал од природна смрт.
Генијален визионер и ексцентричен самотник, Тесла на светот му подарил околу 300 патенти, без дел од кои современата цивилизација е незамислива. Иако со своите пронајдоци неизмерно го задолжи човештвото, овој свет го напушти сиромашен и осамен, често доживуван како чудак, чие омилено друштво станале гулабите.

По сопствена желба, бил испратен со композицијата „Аве Марија“ од Франц Шуберт и песната „Тамо далеко“, во изведба на виолинистот Златко Балоковиќ.
Како што тогаш нагласил њујоршкиот градоначалник Фиорело Хенри Ла Гвардија: „Она што го создаде е големо и, како што времето минува, ќе станува сè поголемо.“
Во периодот од 1887 до 1890 година, Тесла ги пријавил своите најпознати патенти од областа на полифазните наизменични струи, генератори и мотори. Своите пронајдоци најчесто ги презентирал пред јавноста во Американскиот институт на електроинженери. Во тој период ги објавува откритијата за вртежното магнетно поле, индукциониот мотор, генераторот и трансформаторот, феноменот на електромагнетна резонанца, како и низа пронајдоци кои ќе станат темел на понатамошниот развој на електротехниката.
Најголема поддршка, по конфликтот со Едисон, му дала компанијата „Вестингхаус“, која ги откупила првите седум Теслини патенти од областа на полифазните струи. Оттука, од 1888 година, Тесла со стручњаците на „Вестингхаус“ во Питсбург работи на практичната реализација на своите патенти. Во овој период се извршени подготовките за изградба на првата централа на Нијагарините водопади според Теслиниот полифазен систем. Централата е пуштена во редовна работа на 15 ноември 1896 година, кога почнала да го снабдува со електрична енергија градот Бафало.
Потоа Тесла се посветил на истражувања од областа на високите фреквенции, рендгенските зраци и иновации кои ќе овозможат развој на радио-системи, безжична телеграфија и радар – области на кои паралелно работеле и други научници и иноватори.

Постхумно, во 1943 година, Врховниот суд на САД му го враќа правото на патентот 645.576, со што му е признаено првенството во откривањето на радиото, за кое постоел спор со Гулиелмо Маркони. Од 1899 година, Тесла најмногу истражувал во лабораториите во Колорадо Спрингс, а подоцна и во Вандерклиф.
За животот на Тесла пред Америка
Никола Тесла е роден во јули 1856 година во Смилјан, во Лика, која тогаш била дел од Воената краина во рамките на Австриското Царство, а денес се наоѓа во Хрватска. Тој бил четврто од петте деца во семејството на Милутин Тесла, свештеник на Српската православна црква (Карловачка митрополија), и Георгина – Ѓука, која потекнувала од свештеничко семејство, ќерка на протата Никола Мандиќ и Софија, родена Будисављевиќ.
Таткото Милутин, пред богословијата во Плашки, завршил австриска воена школа. Како свештеник служел во Грачац, а потоа во Сењ, каде што се живеело тешко и сиромашно, бидејќи српската заедница таму била малобројна. Подоцна станал свештеник во Смилјан, недалеку од Госпиќ, каде што Никола Тесла е роден на 28 јуни според јулијанскиот календар (10 јули според грегоријанскиот).
Во родителскиот дом постоела значајна библиотека. Тесла подоцна со децении се сеќавал на книги со литературна содржина кои ги читал како дете. Неговиот татко бил и соработник и дописник на некои белградски и новосадски весници, најчесто пишувајќи под псевдонимот Родолјуб Правичиќ.
Тесла се школувал во Смилјан, Госпиќ и Раковац, а студирал во Грац и Прага. Разочаран од високото образование во тоа време, студиите никогаш не ги завршил.

Работел во Марибор, Будимпешта, а од 1882 година и во Париз, потоа во Стразбур. Во 1884 година се преселил во Соединетите Американски Држави. И претходно, во Париз, работел за компанијата на Томас Едисон, тогаш веќе познат иноватор и претприемач. Се смета дека се надевал дека во рамките на Едисоновата компанија полесно ќе ги реализира своите идеи.
Познато е дека идејата за полифазна електрична енергија – неговото клучно откритие – ја имал уште додека работел во Будимпешта. Во Њујорк, во 1885 година, ја основа компанијата „Tesla Arc & Light Co.“, преку која започнува реализација на своите иновации.
Следува судирот со Едисон, кој претходно вложил огромни средства во развојот на мрежа базирана на еднонасочна струја. Теслините иновации директно го загрозувале тој концепт. Откако Вестингхаус го спасува од финансиски тешкотии, реализацијата на Теслините идеи станува возможна, а во ноември 1896 година е отворена централата на Нијагарините водопади според неговиот полифазен систем.
Тесла великодушно се откажал од договорените проценти кога Вестингхаус западнал во финансиски проблеми. Подоцна се посветил на истражувања на високите фреквенции, зрачења и безжична комуникација, а последните години од 19 век главно ги поминал во лабораториите во Колорадо Спрингс и Вандерклиф.
Во Европа престојувал во април 1892 година, за да ја посети својата мајка. Покрај Госпиќ, го посетил и Белград, каде што бил свечено пречекан.
Теслината заоставштина, односно она што останало од неа, е пренесена во Белград во 1951 година, врз основа на судска одлука во САД, откако за единствен наследник бил прогласен неговиот внук Сава Косановиќ, тогаш дипломат на Југославија.
Мерната единица за јачина на магнетното поле го носи неговото име од 1956 година, по повод стогодишнината од неговото раѓање.
