Скопје полно со германски туристи што малку трошат, ги нема богатите гости од Азија
Актуелно

Скопје полно со германски туристи што малку трошат, ги нема богатите гости од Азија

21. 04. 2026.

Сезоната доцни, странските туристи ги нема, а хотелите остануваат полупразни. Ова е општата оцена на туристичките експерти, кои предупредуваат дека годинава почетокот на сезоната е значително послаб од очекуваното.

Според нив, една од главните причини е нестабилната безбедносна состојба на Блискиот Исток, поради која сè помалку луѓе се одлучуваат да патуваат. Овој тренд, велат тие, не е изолиран случај, туку е присутен на глобално ниво, а не ја одминува ни Македонија. Иако официјалните статистички податоци покажуваат раст на странските туристи од 6 проценти во споредба со тој период лани, туристичките работници велат дека реалната слика на терен е поинаква. Во моментов, најбројни се таканаречените „лоу кост“ туристи од Германија, како и гостите од регионот, кои вообичаено доаѓаат во текот на празниците. Од друга страна, значително е намален бројот на туристи од Европа и од Далечниот Исток, кои вообичаено се присутни во овој период од годината и важат за гости со поголема потрошувачка.

– Бројките не ја отсликуваат реалната состојба на терен. Формално има раст на туристите, но структурата на гостите е сосема поинаква од онаа на која сме навикнати. Имаме посетители, но тоа не се оние туристи што, традиционално, носат поголема потрошувачка и имаат значително влијание врз вкупните приходи во секторот. Во моментов, најчесто станува збор за таканаречените лоу кост туристи, претежно од Германија, кои доаѓаат пред почетокот на главната сезона. Хотелите во моментов се со намалена пополнетост, а дополнителен проблем е и тоа што речиси целосно изостануваат бизнис-гостите, кои се важен сегмент за одржување стабилни приходи надвор од шпицот на сезоната. Очигледно е дека постои одредена психолошка воздржаност кај луѓето кога станува збор за патувањата. Војната во Иран создава чувство на несигурност, па оние на кои патувањето не им е неопходно, едноставно го одложуваат. Тоа директно се одразува врз туристичките текови. Сезоната доцни на глобално ниво, а истиот тренд се чувствува и кај нас. Ги нема оние гости што, традиционално, ја посетуваат Македонија во овој период од годината и вообичаено го носат најголемиот дел од приходите. Иако има одредени помали организирани групи, тие не се доволни да ја компензираат загубата. Со ваква структура на гости, тешко е да се очекува позначителен девизен прилив и стабилни резултати за туристичкиот сектор – изјави за весникот ВЕЧЕР Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој додава дека и туристите од Турција, кои, традиционално, важат за едни од најбројните и најзначајни гости во овој период од годината, сега не се присутни во очекуваниот број.

– Очекуваме ситуацијата на Блискиот Исток што поскоро да се стабилизира за да можеме да правиме поизвесни планови за претстојната туристичка сезона. Во моментов, целиот свет е во неизвесност, не се знае каква ќе биде побарувачката, дали ќе се одлучат туристите да патуваат и во кој обем ќе се реализираат авионските летови. Сето тоа дополнително ја усложнува состојбата во туризмот и го отежнува планирањето за наредниот период – додава Керим.
И Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи, ја потврдува ваквата состојба, посочувајќи дека странските туристи се значително помалку од очекуваното.

– Иако формално има одредено движење, бројот на странски гости не е ни приближно на нивото што го очекувавме за овој период од годината. На терен се чувствува значителен пад во споредба со претходни сезони, особено кај поголемите организирани туристички групи. Една од причините за ваквата состојба е и откажувањето тури од Далечниот Исток, кое е директно поврзано со зголемената неизвесност и безбедносните ризици поради војната во Иран. Дополнително, доцнат и туристите од Малезија, Сингапур… кои вообичаено пристигнуваат во овој период од годината. Тие најчесто патуваат преку Дубаи, со кое имаме редовна авионска линија, но оваа година динамиката е значително забавена – вели Босилков.
Тој додава дека особено недостигаат поголемите организирани групи и туристите со поголема потрошувачка, кои се клучни за ангажманот на туристичките водичи и за целокупната туристичка понуда.

– Се надевам дека ќе се стабилизира ситуацијата и дека летово ќе пристигнат најавените странски туристи преку новите авиолинии. Тие директни летови се исклучително важни за зголемување на пристапноста на дестинацијата и за враќање на поголемите туристички групи што ни недостигаат во моментов – додава Босилков.
Туристичките работници предупредуваат дека доколку продолжи ваквиот тренд, тоа може сериозно да се одрази врз приходите во секторот, бидејќи структурата на гостите е подеднакво важна како и нивниот број.

Извор: vecer.press