Сè изгледа исто како порано, истата амбалажа, исти бои, исто име на производот. Само кога ќе застанеш, ќе го свртиш пакувањето и ќе ја прочиташ ситната бројка долу, почнува да станува јасно дека нешто не е како што било.
Граѓаните сè почесто забележуваат дека купуваат помалку, а плаќаат исто или повеќе.
Чоколадата што со години беa симболични 100 грама, денес речиси и да не постојат во таа форма. Прво се намалија на 90, па на 75 грама, а има и такви што веќе се движат под таа граница. На око, таблата изгледа идентично, само потенка, малку покуса, речиси незабележливо. Дури дома, кога ќе ја отвориш, сфаќаш дека нешто недостига… или дека побрзо завршила.
Слична приказна има и кај млечните производи. Чашата јогурт или павлака, која со децении беше 200 милилитри, денес често тежи 180. Разликата не звучи драматично, но кога тоа ќе се повтори секојдневно, со секое купување, ефектот станува сосема опиплив.
„Плаќаме за навика, не за количина“, забележуваат познавачи на пазарните трендови, укажувајќи дека потрошувачите ретко имаат време или трпение детално да ги проверуваат декларациите.
Кај месните производи, промената дојде уште порано. Шунките и саламите, кои некогаш стандардно се продаваа во пакувања од половина килограм, најпрво се намалија на 400 грама. Денес, иако пакувањето визуелно делува исто, разликата е и до 50 грама.
„Ова е класичен пример на психолошко пакување“, објаснуваат експерти, додавајќи дека формата и димензиите се внимателно дизајнирани за окото да не ја забележи загубата.
Ни кексите не останаа имуни. Кутиите што со години беа 300 грама, сега тежат 240. Повторно, без јасна најава, без голема промена на дизајнот. Само бројката е друга. Потрошувачите тоа го нарекуваат тивко поскапување, затоа што цената најчесто останува иста, а понекогаш и расте. Ако намалувањето на грамажата беше проследено со пониска цена, реакциите ќе беа поинакви. Но тоа ретко се случува.
Аналитичарите посочуваат дека оваа практика не е незаконска, но отвора сериозни прашања за транспарентноста и фер односот кон купувачите.
Законот бара точна декларација, и таа формално постои. Проблемот, велат тие, е што таа информација е потисната, скриена меѓу редови, со ситен фонт што малкумина го читаат во брзањето меѓу рафтовите.
Потрошувачот, на крајот, реагира по навика, по сеќавање на тоа како било некогаш.
Во Македонија, каде што куповната моќ и онака е чувствителна тема, ваквите промени дополнително ја зголемуваат недовербата.
Луѓето чувствуваат дека се изиграни, но тешко го формулираат тоа чувство во конкретна жалба. Сè е по правило, а сепак нешто не штима.
И додека официјално никој не признава дека станува збор за манипулација, во секојдневниот разговор, во редиците на каса, оваа тема сè почесто излегува на површина… со кратки коментари, воздивнувања и она познато прашање што останува да виси во воздухот: до кога вака?
