Забрането пушење и на отворено: Оваа земја станува прва држава „без чад“
Актуелно

Забрането пушење и на отворено: Оваа земја станува прва држава „без чад“

05. 09. 2025.

На улиците на Стокхолм речиси и да нема фрлени пикавци, а пушачите ретко може да се видат како на јавни места виткаат цигара меѓу прстите. Рестораните забранија пушење и пред локалите, а на терасите на кафулињата на отворено исто така е забрането. Правилата се јасни и ретко кој ги прекршува – Шведска со тоа стана првата „smoke free“ држава во светот.

Тоа, сепак, не значи дека поранешните пушачи се откажале од никотинот и целосно се свртеле кон здрави навики. Напротив – на големата конференција на British American Tobacco (BAT) во Стокхолм беше откриено дека земјата официјално ги достигнала критериумите за општество без чад, и тоа 16 години пред целта на ЕУ (2040).

Само 5,3 проценти од возрасните пушат во Шведска
Во последните 13 години стапката на пушење во Шведска е повеќе од преполовена, најмногу благодарение на поттикнувањето за користење на бездимни производи како „snus“, никотински ќесички и е-цигари. Денес во Шведска само 5,3% од возрасните пушат, додека просекот во ЕУ е дури 24%.

„Покрај намалувањето на бројот на пушачи, Шведска има и најмал број прерани смртни случаи од болести поврзани со пушење во целата Унија. Смртноста кај мажите од рак на белите дробови овде е за 61% пониска од просекот на ЕУ, додека вкупната смртност од болести поврзани со тутун е за 39,6% пониска“, изјави Даниеле Тауер, директорка за научни и регулаторни прашања во BAT, пишува Јутарњи лист.

Спасени милиони животи?
Директорот на одделението за истражување и наука во BAT, д-р Џејмс Марфи, изјави дека 2,6 милиони животи би можеле да бидат спасени во следните 10 години доколку пушачите масовно преминат на алтернативи на цигарите. BAT во изминатата деценија инвестирал повеќе од 12 милијарди фунти во истражувања, а на иновации работат повеќе од 1700 научници.

Тој нагласува дека бездимните производи, како уреди за загревање на тутун, „vape“ уреди и никотински ќесички, имаат и до 99% пониски нивоа на штетни хемикалии од цигарите. Целта на компанијата е до 2035 година 50% од приходите да доаѓаат од бездимни производи.

Тајната на шведскиот успех, како што објаснуваат експертите, лежи во комбинацијата од свесност, достапност и прогресивна регулација. Владата ја промени политиката – од „намалување на употребата“ кон „намалување на штетата“ – и на тој начин овозможи премин кон помалку штетни алтернативи. Акцизниот модел прилагоден на степенот на ризик ги прави бездимните производи подостапни од цигарите.

Денес, меѓу младите од 16 до 29 години во Шведска само 2% секојдневно пушат, додека просекот во ЕУ е дури 15%.