Зошто сè уште им се дозволува на странските водичи да ја искривуваат македонската историја?
Актуелно

Зошто сè уште им се дозволува на странските водичи да ја искривуваат македонската историја?

23. 04. 2026.

Кој им дозволува на странските туристички водичи да носат туристички тури и да ја презентираат македонската култура, историја и знаменитости без да поседуваат македонска лиценца за вршење на оваа дејност?

И покрај тоа што во Законот за туристичка дејност јасно стои дека туристичките тури можат да ги водат само лиценцирани туристички водичи или странци што се постојани жители на Македонија, добро го владеат македонскиот јазик и имаат положено курс за туристички водичи, во практиката често се случува странските туристички водичи да немаат ништо од тоа, а никој да не може да ги казни. Ова претставува прекршување на законските одредби, но туристичките инспектори се соочуваат со сериозни ограничувања во спроведувањето на санкциите. Нивните овластувања најчесто се сведуваат на констатирање неправилности, но не и на итно стопирање на активноста, изрекување моментална казна на самото место или задржување на пасошот, освен во строго определени случаи и со вклучување на други надлежни органи.

– Имаме дадено предлози за подобрување на законското решение, но проблемот сè уште не е надминат. Законот за туристичка дејност многупати досега беше ревидиран, но и понатаму се дозволува простор странски туристички водичи да работат во Македонија. Законот предвидува можност странците да вршат дејност туристички водич само доколку се резиденти во Македонија, го владеат македонскиот јазик и имаат положено соодветен курс за туристички водичи. Сите странски туристички водичи што носат организирани групи од странство и самостојно водат тури, практично го прекршуваат Законот и треба да бидат санкционирани. Но, проблемот е што туристичките инспекциски органи немаат доволно овластувања самостојно да постапуваат и да изрекуваат санкции на самото место. Тоа може да се направи само преку координирана акција со Државниот пазарен инспекторат, Министерството за внатрешни работи и со Министерството за економија – изјави за весникот ВЕЧЕР Климент Наумов, универзитетски професор.

Според него, неопходно е да им се овозможат на туристичките инспектори поголеми овластувања, односно да можат да постапуваат против прекршителите на самото место, вклучително и привремено одземање на патната исправа и нивно спроведување пред надлежен орган. Во таа насока, тој предлага формирање специјализирана туристичка полиција, која би ги презела овие надлежности и би обезбедила поефикасна контрола на терен. Како што посочува, и покрај повеќекратните измени и дополнувања на Законот за туристичка дејност, овластувањата на инспекциските служби не се значително зајакнати.

– Странските туристички агенции што носат туристи во Македонија имаат законска обврска во рок од 24 часа да ангажираат лиценциран домашен туристички водич. Меѓутоа, во практика често се случува туристички агенции од Албанија да носат туристи во Охрид на еднодневни или кратки тури, односно со престој пократок од 24 часа, со што формално не влегуваат во рамките на оваа обврска. Но, тоа не значи дека не го прекршуваат Законот. Во такви случаи, тие најчесто користат свои туристички водичи, кои не поседуваат македонска лиценца, не го владеат македонскиот јазик и неретко даваат несоодветна или неточна интерпретација на природното и културното наследство на државата – вели Наумов.

Од Здружението на туристички водичи посочуваат дека туристичките водичи од Бугарија, Турција и од други земји од регионот често ја искривуваат историјата на Македонија при водењето туристички групи. Ова не само што негативно влијае врз работата на домашните лиценцирани туристички водичи туку има и пошироки последици врз квалитетот на туристичката понуда, како и врз професионалната и автентична презентација на државата пред странските посетители.

– Проблемот со странските туристички водичи што вршат дејност во нашата држава сè уште не е решен. Туристичката инспекција и понатаму се соочува со сериозни ограничувања и не може самостојно да постапува кон странски државјани без присуство и координација со други надлежни институции, како што се Државниот инспекторат и други државни органи. За да се надмине овој проблем, неопходни се измени на Законот за туристичка дејност, со кои туристичките инспектори би добиле проширени овластувања, вклучително и можност за привремено одземање на пасошот и изрекување санкции на самото место – изјави за весникот ВЕЧЕР Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи.

Европските земји, генерално, не дозволуваат вакви појави во својот туристички сектор. Така, на пример, во Италија не е дозволено туристички водичи од странство да вршат дејност без соодветна лиценца, со што се обезбедува заштита на историското, националното и на културното наследство.

Дополнително, системот на лиценцирање во Италија е строго регулиран и често е организиран на локално ниво. Во многу случаи, постојат водичи специјализирани за конкретни градови, бидејќи секој град има свои специфики, традиција и културно-историски особености. На тој начин се гарантира дека туристите добиваат точни, стручни и автентични информации, а истовремено се зачувува интегритетот на културното наследство.

Извор: vecer.press