Во пресрет на туристичката сезона и очекуваниот зголемен број патувања кон грчките летувалишта, пограничните служби започнаа со примена на нови сообраќајни и технички решенија.
Мерките стапуваат на сила денеска и имаат за цел да спречат создавање долги колони и повеќечасовни задржувања на границата.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција задолжен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, на конференција посветена на туризмот изјави дека државата активно работи на подобрување на условите на преминот и на побрзо движење на патниците.
Како дел од мерките, на Евзони ќе бидат поставени дополнителни модуларни контролни пунктови. Со ова решение, постојната инфраструктура ќе се прошири и една сообраќајна лента ќе биде трансформирана во две ленти, што ќе овозможи поголем број возила да бидат обработени за пократко време.
Гиулекас нагласи дека ова е само прв чекор во поширокиот процес на модернизација на граничниот премин. Според него, поради ограничувањата на постојната инфраструктура, реконструкцијата ќе се спроведува постепено и во неколку фази.
Дополнителен предизвик за граничните служби претставува новиот европски систем за влез и излез (EES), кој предвидува задолжителна биометриска регистрација на патниците кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија. Сепак, грчките власти посочуваат дека европската регулатива овозможува привремено олеснување на овие процедури кога има екстремно зголемен сообраќај.
Токму поради тоа, во деновите кога се создаваат големи гужви, ќе постои можност привремено да се суспендира дел од процесот на биометриска регистрација. Целта е да се избегнат километарски колони и да се обезбеди побрз и поефикасен премин на патниците кои патуваат кон Грција.
Од грчка страна очекуваат дека комбинацијата од дополнителни контролни пунктови и пофлексибилна примена на новите европски правила значително ќе придонесе за намалување на метежот на Евзони во текот на летната сезона.
