Забраната не даде резултат: повеќе од 80% од австралиските тинејџери сè уште користат социјални мрежи
Актуелно

Забраната не даде резултат: повеќе од 80% од австралиските тинејџери сè уште користат социјални мрежи

31. 07. 2026.

И покрај законската забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, повеќе од 80 проценти од австралиските тинејџери продолжиле да ги користат овие платформи и три месеци по стапувањето на мерката во сила, покажува истражување на австралискиот регулатор за интернет-безбедност eSafety.

Според извештајот, најголемата причина е тоа што технолошките компании не вовеле доволно ефикасни механизми за проверка на возраста на корисниците.

Истражувањето покажува дека во март, поголемиот дел од децата на возраст од 10 до 15 години ги користеле социјалните мрежи речиси исто толку често како и пред забраната, која започна да се применува на 10 декември минатата година. Воедно, регулаторот забележал и намалена информираност на родителите за активностите на нивните деца на интернет.

Иако процентот на деца што имаат сопствени профили се намалил од 52 на 42 проценти, најголемиот дел од нив продолжиле да ги користат платформите. Забележан е значителен пад на бројот на профили на YouTube, Snapchat и TikTok, но тоа не довело до значително намалување на нивната употреба.

Од eSafety наведуваат дека повеќето малолетници кои имале профили пред воведувањето на забраната успеале да ги задржат или да отворат нови сметки, главно поради тоа што платформите не спроведувале соодветна проверка на возраста.

Австралија е првата држава што воведе ваква забрана поради загриженоста за влијанието на социјалните мрежи врз менталното и физичкото здравје на децата, а нејзиниот модел внимателно го следат и други земји кои размислуваат за слични мерки.

Пред воведувањето на забраната, околу 86 проценти од испитаните деца користеле најмалку една платформа со старосно ограничување. Три месеци подоцна, тој удел сè уште изнесувал повеќе од 81 процент. Речиси 58 проценти од тинејџерите изјавиле дека користат социјални мрежи секој ден или почесто, што е само малку помалку во споредба со периодот пред забраната.

Истражувањето не покажало значителни промени ниту во другите секојдневни активности на младите, како што се спортувањето, физичката активност, уметноста, музиката, дружењето со семејството и пријателите или учеството во активности во локалната заедница.

Околу половина од децата кои ги задржале своите профили изјавиле дека платформите воопшто не побарале потврда за нивната возраст. Други навеле дека нивните профили веќе биле регистрирани како да припаѓаат на лица постари од 16 години или дека системите погрешно ја процениле нивната возраст.

По објавувањето на првичните резултати во март, eSafety отвори истрага против Facebook, Instagram, Snapchat, TikTok и YouTube поради можно непочитување на законот. Австралиската влада во јуни најави двојно повисоки казни за технолошките компании кои нема да ја спроведуваат забраната, како и дополнителни овластувања за регулаторот.

Извештајот се темели на податоци собрани од повеќе од 4.000 деца и нивните семејства, споредувајќи ја состојбата пред воведувањето на забраната и три месеци по нејзиното стапување во сила. 

Извор:skopje1.mk