Градот вчеравечер ја стартуваше празничната магија, а интересно е тоа што секоја вечер, до Нова година, ќе има интересни забави настани во центарот на Скопје. Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
Во однос на дочекот на најлудата ноќ, забавата ќе биде со македонски изведувачи.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека присутните ќе се забавуваат со македонски изведувачи токму на 31. декември и упати покана до сите да бидат дел од празничните мигови во самото срце на Скопје.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
