Зонгхуа веќе речиси една година секое утро станува рано, оди во канцеларија и се враќа дома доцна навечер. На прв поглед, нејзиниот ден изгледа како секојдневието на милиони луѓе во Кина. Но, има една разлика: никој не ја плаќа за тоа што го прави и никој не бара резултати од неа. Што да правите – и уште поважно, што да ѝ кажете на семејството – кога ќе останете без работа, станува сè поголем проблем за многу Кинези кои не сакаат да даваат објаснувања или да се соочат со непријатни прашања од околината. Во големите градови почнаа да се појавуваат простори што нудат решение: компании што им овозможуваат на луѓето да се преправаат дека работат.
За дневна цена од 30 до 50 јуани (околу 4–7 долари), овие фирми нудат работна маса, Wi-Fi, кафе, ручек и амбиент што имитира вистинска канцеларија. Според весникот Beijing Youth Daily, иако нема вистински договори или шефови, некои компании симулираат деловно опкружување – се доделуваат фиктивни задачи. За дополнителен надомест, илузијата може да достигне неверојатни нивоа – од претварање дека сте менаџер со своја канцеларија, до инсценирање на „побуна“ против надреден.
Потрага по мир
Зонгхуа е од Кантон и не сака да го открие своето вистинско име. Уморна од патувања и притисоци од финансискиот сектор, дала отказ во пролетта 2024 година, според нејзината објава на локална социјална мрежа.
„Сакав постабилен живот“, напиша таа.
Но, не се осмелува да ѝ ја каже вистината на својата фамилија. На почетокот одела во библиотеки, но последниве месеци плаќа месечна членарина од 400 јуани (околу 55 долари) за удобен простор во кој го поминува денот – што е далеку поевтино отколку неколкучасовно седење по кафулиња. Не знае уште колку ќе може вака, бидејќи засега нејзините апликации за работа не даваат резултати.
Во првиот квартал од 2025 година, стапката на невработеност во кинеските градови изнесувала 5,3%, според податоците на Националниот завод за статистика. Но, невработеноста кај младите е значително повисока – во март таа изнесувала 16,5% кај младите од 16 до 24 години, и 7,2% кај оние од 25 до 29 години. Од почетокот на годината, стратегијата за „одржување привид“ станува сè попопуларна. Xiaohongshu (кинескиот „Инстаграм“) е преплавен со реклами за компании што нудат „лажно вработување“, кои собираат милиони прегледи. Овие реклами предизвикуваат бројни дебати – некои во нив гледаат начин за намалување на психолошкиот притисок, додека други сметаат дека тоа само го поттикнува избегнувањето на работа и го одложува вистинскиот влез на пазарот на труд.
Сепак, тешко е да се утврди реалниот обем на овој феномен: фирмите не се регистрирани официјално и често работат неформално преку апликацијата WeChat.
Бизнис-идеја хит на интернет
Новинарите на El País посетиле еден од овие простори во пекиншкиот кварт Шуангџинг. На рецепцијата стои табла од адвокатска канцеларија во чија сопственост се наоѓа просторот. Има неколку сали за состаноци и lounge зона со капацитет за 36 „вработени“. Во среда наутро, активностите беа минимални – тројца луѓе изгледаа фокусирани на компјутери, еден маж лежеше на столче и гледаше во телефон, а дете се играше на мобилен. Лицето задолжено за прикажување на просторот призна дека идејата е копирана бидејќи моментално е хит на интернет. Објасни дека адвокатите ретко ги користат просториите, па одлучиле да ги изнајмуваат. Во пракса, функционира како мал co-working простор.
Основачот на друга слична фирма, исто така од Пекинг, управува со активна WeChat група со околу 300 членови, каде споделува фотографии од мебел и информации за просторот. Меѓу членовите е и Шу Лин, креаторка на содржини. „Иако некои навистина имаат потреба од место каде ќе се преправаат дека работат, повеќето од нас сме тука затоа што ни е интересно“, вели таа.
Во меѓувреме, градежниот работник Да Ненг Мау се приклучил затоа што верува дека овој концепт „може да создаде нова работна можност“. Тијан Тијан, инструкторка по пилатес со скратено работно време, смета дека идејата е „практична – за слободни професионалци кои сакаат каде да одат“.
