Илинденскиот викенд во Охрид: Сместувањето речиси распродадено, а цените достигнуваат и над 250 евра по ноќ
Актуелно

Илинденскиот викенд во Охрид: Сместувањето речиси распродадено, а цените достигнуваат и над 250 евра по ноќ

17. 07. 2026.

Охрид и оваа година се подготвува за традиционалниот илинденски бран туристи. Во пресрет на празникот, кој годинава се паѓа во недела, градот веќе бележи огромен интерес, а слободните сместувачки капацитети се сè поретки. Комбинацијата од концерти, летна атмосфера и топлото езеро повторно го прави Охрид една од најатрактивните домашни дестинации за продолжениот празничен викенд.

Според анализата на порталот Пари, интересот за престој во Охрид за илинденскиот викенд е огромен, а слободните сместувачки капацитети се речиси исцрпени, додека цените на сместувањето достигнуваат и над 250 евра по ноќ.

Проверката на понудите покажува дека пронаоѓањето сместување за двајца по цена до 50 евра дневно е вистински предизвик. По разгледување на огласи, телефонски контакти со издавачи и понуди на меѓународни платформи за резервации, може да се забележи дека ваквите опции се речиси исцрпени. Само неколку апартмани се нудат по цена од 40 до 50 евра, додека најголемиот дел од понудата започнува од околу 60 евра за ноќ.

На платформите за онлајн резервации има ограничен број сместувања во ценовниот ранг од 60 до 70 евра за две лица, но по нив следуваат значително поскапи опции. Дел од апартманите и вилите достигнуваат и до 250 евра по ноќ, односно околу 500 евра за празничниот викенд. Интересно е што некои од нив не нудат дополнителни содржини како базен или вклучен појадок, туку како предност ги истакнуваат други услуги во рамките на објектот.

Од достапната понуда може да се заклучи дека најголемиот дел од сместувањата покрај охридското крајбрежје веќе се резервирани. Очигледно, посетителите кои резервирале порано успеале да обезбедат подобри услови и поповолни цени.

За оние кои претпочитаат хотелско сместување, цените исто така се повисоки во однос на редовниот период. Во хотел „Белви“ ноќевање за двајца со појадок чини околу 110 евра, во хотел „Витори“ околу 79 евра, додека во хотел „Су“ цената достигнува приближно 97 евра за ноќ.

Хотел „Тино“, лоциран во населбата Свети Стефан, веќе нема слободни соби за самиот празник, а во деновите пред и по Илинден цените се движат меѓу 115 и 130 евра за ноќевање за две лица.

Луксузните хотели нудат уште повисоки цени. Во хотел „Инекс Горица“, престој од две ноќевања за две лица за празничниот викенд достигнува околу 508 евра, односно повеќе од 250 евра по ноќ. Хотел „Лаго“ е уште поскап – две ноќевања за две лица чинат околу 583 евра. Гостите таму добиваат пристап до приватна плажа, велнес и спа центар, базен и сместување во модерно опремени соби.

Дополнителен интерес кај посетителите создава богатата музичка програма што традиционално се организира за Илинден. На 31 јули на стадионот „Билјанини Извори“ ќе настапат Ацо Пејовиќ, Наташа Беквалац и Саша Матиќ. Следниот ден, на 1 август, публиката ќе може да ужива во концертите на Рита Ора, Сенидах и Два Бона, додека на самиот празник, 2 август, на истата сцена ќе настапи Слаткаристика.

Празничниот викенд носи оптимизам и кај угостителите, кои очекуваат зголемен број гости и поголем промет во рестораните, кафулињата и локалите покрај езерото. Дел од нив велат дека засега не планираат дополнително зголемување на цените, иако конечната состојба ќе се види за време на празничните денови.

Според официјалните статистички податоци, минатата година Македонија ја посетиле над 1,33 милиони туристи. Во јули биле регистрирани речиси 210 илјади, а во август над 226 илјади туристи. Најголем дел од летниот туристички промет традиционално го создава езерскиот туризам, кој во двата најпосетени летни месеци привлекува стотици илјади домашни и странски гости и реализира стотици илјади ноќевања, потврдувајќи ја позицијата на Охрид како најпосакувана туристичка дестинација во земјава.