Прекината јавната набавка за 150 електрични автобуси и полначи од „Икарус“ и ЕВН
Актуелно

Прекината јавната набавка за 150 електрични автобуси и полначи од „Икарус“ и ЕВН

22. 05. 2026.

Од Транспорт велат дека согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе биде објавена согласно законските прописи во најбрз можен рок

Државната комисија по жалби за јавни набавки донесе решение за поништување на тендерот за електрични автобуси и полначи, а на кој за најповолна беше избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус-Икарус“ и на австриска ЕВН.

Одлуката на Комисијата е донесена по службена должност, а информацијата денеска ја потврдија од Министерството за транспорт.

„Министерството за транспорт согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“,

велат од Транспорт.

Јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше објавен на 27 февруари годинава.

Согласно критериумите што беа наведени во јавниот повик, понудувачот ќе требаше да произведе и да испорача 30 автобуси во рок од шест месеци, 60 автобуси во рок од 12 месеци и уште 60 автобуси во рок од 18 месеци. Рокот за доставување на потребната документација бешe до 30 март.

Подоцна од Транспорт рекоа дека „Електробус-Икарус” и ЕВН, кои беа избрани, ги исполниле сите услови предвидени во јавната набавка и понудиле најниска цена од 19 350 000 денари или околу 314 000 евра по автобус, што, како што додадоа оттаму, е исклучително конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси.

Компанијата „Икарус“ требаше да ги достави електричните автобуси, а компанија ЕВН станиците за полнење.