Со Б-категорија ќе може да се управуваат мотори до 125 кубици?
Актуелно

Со Б-категорија ќе може да се управуваат мотори до 125 кубици?

4/1/2026

Во Собранието е поднесен предлог-закон со кој се предвидува значајна промена за возачите со Б-категорија – тие ќе можат да управуваат мотоцикли од А1 категорија со автоматски менувач, со зафатнина до 125 кубни сантиметри.

Предлогот, поднесен од пратеничката група на ЗНАМ со поддршка од мнозинството, предвидува ова право да го стекнат возачи кои имаат најмалку 23 години и поседуваат Б-категорија најмалку пет години. Дополнително, ќе биде задолжително посетување на кратка, четиричасовна теоретска обука за безбедно управување со мотоцикли во автошкола.

Обуката ќе опфати основни сообраќајни правила и прописи, а по нејзиното завршување автошколите ќе издаваат соодветна потврда и ќе го известуваат Министерството за внатрешни работи. Деталите околу програмата, формата на потврдата и евиденцијата ќе ги утврди министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена од стапување на законот во сила.

Предложеното решение е усогласено со европските регулативи и се однесува исклучиво на мотоцикли со моќност до 11 киловати и сооднос сила/маса до 0,1 kW/kg. Важно е да се напомене дека оваа дозвола ќе важи само на територијата на државата.

Како што истакна предлагачот, целта на законските измени е да се поттикне поголема употреба на мотоцикли како практична алтернатива на автомобилите, особено во урбаните средини, со што би се намалил метежот и би се олеснило секојдневното движење.

Од пратеничката група посочуваат дека стојат обединето зад овој предлог, кој треба да помине по скратена постапка.

Извор: slobodenpecat.mk