Пензионерски живот на бранови
На бродот MV Odyssey, кој плови од октомври 2024 година, патниците можат да посетат 425 пристаништа во 147 земји за три и пол години. Во план се и повеќе од 100 тропски острови, со подолги задржувања од два до три дена, за подобро запознавање со локалната култура.

Програмата овозможува кабина да се изнајми, купи или земе под доживотен закуп – со удобност како во класичен дом. „Golden Passport“ оди чекор понатаму: овозможува целиот пат од три и пол години да се повторува одново, колку што сакате, како дел од една пловечка заедница.
Извршната директорка на компанијата, Кети Вилаба, вели:
„Животот минува брзо, а најголемото жалење кај луѓето е што не го обиколиле светот кога можеле. ‘Golden Passport’ го прави тој сон возможен – и тоа на начин каков што туристичката индустрија досега не видела.“
Колку чини вечниот одмор?
Цената зависи од возраста на патникот:
• од 99.999 долари (околу 85.900 евра) за оние постари од 90 години,
• до 399.999 долари (околу 343.500 евра) за патници на возраст меѓу 55 и 60 години.
Во цената се вклучени: сместување, храна, интернет, забава, перење алишта, годишни лекарски прегледи, па дури и вино и пиво за време на оброците. Патниците можат да поведат пријатели или семејство, со доплата од 129 долари (околу 111 евра) на ден.
Моментално, „Golden Passport“ важи само за Odyssey, но компанијата планира да го прошири и на идните бродови.
Основачот на компанијата, Мајк Петтерсон, истакнува:
„Кога луѓето одат во пензија, еден од најголемите стравови е дека ќе останат без пари. Со ‘Golden Passport’ тој страв исчезнува – со една уплата обезбедувате цел живот авантура.“
Не е сè така мазно
Идејата за „пензија на бранови“ не помина без проблеми. MV Odyssey е повеќе од 30 години стар брод и пред големото патување во октомври минатата година, мораше да мине низ бројни проверки и неопходни реновирања. Тоа доведе до повеќемесечни доцнења – па стотици патници останаа заглавени во Белфаст, Северна Ирска, чекајќи бродот конечно да исплови.
Компанијата првично им ги покриваше хотелите и патувањата во други градови, но таа пракса со тек на време престана, што дополнително ја влоши ситуацијата кај незадоволните патници.
Ако сепак не сте подготвени за цел живот на крузер…
За оние на кои „вечна пензија на море“ им звучи примамливо, но сепак премногу ризично – постојат и пократки опции. Компании како Princess Cruises и Oceania Cruises нудат повеќемесечни крстарења, за барем накратко да се вкуси животот на бранови.
