Незадоволството кај работниците расте, пред сè поради отсуството на договор за значително зголемување на минималната плата, што според синдикатите треба да биде основа и за раст на останатите плати. Истовремено, според законските решенија, платите на функционерите ќе пораснат значително повеќе во однос на најавеното зголемување на минималецот.
Од ССМ предупредуваат дека доколку не се најде заедничко решение со Владата и работодавачите, ќе следуваат протести, штрајкови и блокади. Ставот на синдикатот е дека минималната плата треба да се зголеми за најмалку 100 евра, бидејќи зголемување од дваесетина евра, како што велат, нема суштински да ја подобри куповната моќ на домаќинствата, особено кај оние со најниски приходи. Според ССМ, ваквото зголемување не би претставувало сериозен финансиски товар за компаниите.
„Од втората половина на јануари започнуваме со протести. Предвидени се штрајкови во повеќе институции и можни блокади. Доколку нема разбирање, не е исклучена и можноста за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Барањето е јасно – минимална плата од 600 евра и зголемување од 100 евра на останатите плати“, велат од ССМ.
Од Владата, пак, посочуваат дека платите бележат раст и дека одлуките ќе се носат согласно законските процедури. Според најавите, зголемувањето на минималната плата се очекува во март 2026 година и ќе зависи од економските показатели.
Работодавачите повторуваат дека клучниот предизвик не е растот на платите, туку продуктивноста, за која, како што велат, се потребни инвестиции во технологија, опрема и обуки за вработените.
Во меѓувреме, дополнително незадоволство кај јавноста предизвикува и најавеното зголемување на платите на избраните и именуваните лица, кое во наредниот период се очекува да изнесува околу 15 илјади денари, во зависност од функцијата и коефициентот.
