Маск ја носи Starlink мобилната мрежа во Европа – Македонија меѓу 10-те земји
Актуелно

Маск ја носи Starlink мобилната мрежа во Европа – Македонија меѓу 10-те земји

3/3/2026

Американската сателитска услуга „Старлинк“, во сопственост на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, денес објави партнерство со „Дојче Телеком“ за заедничко лансирање на сателитска мобилна услуга во Европа, која треба да започне со работа во 2028 година.

Новата услуга ќе овозможи мобилна комуникација во области каде што изградбата на класична мрежна инфраструктура е отежната, како што се планинските региони и зоните под заштита на природата.

Целта на проектот е проширување на покриеноста со мобилен сигнал без потреба од изградба на базни станици, објавува CNBC.

Ова ќе биде првата европска мобилна мрежа базирана на сателити Starlink од втора генерација, познати како V2.

Овие сателити овозможуваат директна широкопојасна комуникација со мобилни телефони, вклучително и пренос на податоци, гласовни повици и пораки.

Новата генерација има значително повисоки перформанси – до 100 пати поголема густина на податоци по сателит, 16 пати повеќе антени и до 20 пати поголем капацитет за пренос на податоци во споредба со претходната генерација, објавува германскиот магазин „WirtschaftsWoche“.

Услугата ќе биде достапна во десет европски земји: Германија, Австрија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Грција, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

Извор: faktor.mk