Општините треба да најдат локација - Ќе добијат ли македонските градови уредени гробишта за миленици?
Актуелно

Општините треба да најдат локација - Ќе добијат ли македонските градови уредени гробишта за миленици?

05. 02. 2026.

Луѓето кои сакаат и чуваат животни и кои се сакани од истите не може да бидат лоши! Некои истражувања покажуваат дека милениците може да бидат дури и поголем и посигурен извор на љубов и позитивни емоции, отколку некои луѓе.

Приврзаноста доаѓа со годините заедничко битисување, но што кога миленикот ќе почине? Ова прашање долги години ги мачи сопствените на миленици!

Млада скопјанка сведочи дека по 12 години поминати со своето куче од расата „бишон“, се соочила со сериозна емотивна болка откако тоа угинало. За да знае каде почива телото на миленикот кој делел секојдневие со неа долги години и достојно да го испрати, а не да го фрли во контејнер, го закопала во близина на викендицата на родителите во скопско село. Вели често свратува таму каде поставила и мал симболичен споменик.

Особено е опасно и казниво доколку животно кое е болно од некоја заразна болест се закопа на некое место затоа што може да биде потенцијален избор на зарази, но сепак сопствениците често ризикуваат изложувајќи се на опасноста да фатени и казнети, но велат дека „немаат“ срце да го фрлат телото на миленикот во канта или во/покрај река.

Во оваа насока, надлежните најавуваат конечно решение за достојно место за почивање на милениците и поголем спокој на нивните сопственици.

Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со општините неодамна најавија дека ќе се градат гробишта за миленици - нешто што веќе со години и децении функционира во Белград, Загреб, Љубљана, како и во многу европски земји. 

- Станува збор за идеја која е во зародиш и во чија реализација ќе бидат вклучени повеќе релевантни институции со различни надлежности. Надлежноста на АХВ е во делот на регулирање на прашањето за нештетно уништување на отпадоците од животинско потекло, а на локалните самоуправи (општините и Градот Скопје) од аспект на обезбедување на локација за изградба на ваков капацитет, воспоставување на потребна инфраструктура и опрема и негово менаџирање, велат од АХВ за Скопје Инфо.

Соствениците и љубителите на животни се надеваат дека општините ќе бидат брзи и ажурни во донесувањето на план за изградба на гробишта за миленици што е во надлежност на локалните самоуправи.

- Добро е што процесот почна. Претстојат средби и состаноци на надлежните институции и локалните самоправи во однос на ова прашање, по кои општините, сами ќе треба да го продолжат процесот кој се однесува на донесување на одлука за изградба на ваков капацитет, дефинирање на моделот (самостојно за секоја општина или изградба на гробишта за домашни миленици преку воспоставена соработка на неколку локални самоуправи и сл), како и воспоставување на соодветна инфраструктура и опрема, појаснуваат од А ХВ.

Од ЈП Лајка, претпријатието за заштита и благосостојба на животните под капата на Град Скопје ја поздравија идејата.

- Секако дека ја поддржуваме оваа идеја, пред сѐ како љубители на животни и луѓе кои секојдневно се соочуваат со болката што ја носи загубата на миленик. Свесни сме колку е тешко кога сопствениците немаат можност своето милениче да го испратат на достоинствен начин. Потребата од отворање гробишта за миленици е навистина голема, особено затоа што граѓаните во моментов немаат соодветен и законски уреден начин како да се справат со починатите миленици. Отворањето ваква услуга би значело многу – и како хуман и емотивен чин, но и како практично и законско решение. Би им овозможило на сопствениците место за спомен, почит и мирно збогување со своите миленици, велат од Лајка.

Она што ги интересира сопствениците на миленици, колку ќе биде цената за купување на гробно место, висината на услугите за одржување и слично. Од АХВ велат дека ова се прашања на кои одговор треба да дадат локалните самоуправи откако претходно ќе ја дефинираат потребата, моделот на воспоставување и ќе ги затворат прашањата кои се однесуваат на воспоставување на инфраструктурата и опремата во ваквите капацитети.

Ќе има ли место на јавните гробишта за бездомни миленици?

Според законот бездомните животни кои угинуваат треба да се закопуваат во т.н јами гробници кои функционираат во рамки на депониите во општините.

Во моментов, Лајка како претпријатие, починатите кучиња ги одложуваат на депонијата Дрисла, бидејќи како што велат не постои друга соодветна и законски уредена алтернатива.

Ќе тргне ли Македонија по европските трендови кога станува збор за грижата за милениците останува да почекаме, за да видиме, додека главниот град на Хрватска од регионот може да се пофали со ултра современ комплекс за погребување на миленици!

Извор: skopjeinfo.mk