Од Институтот велат, иако тие засега се релативно мирни, односно има месечен пораст во април од само 0.7%, растот на цените на горивата претставува сериозен ризик за нов бран поскапувања. А таа констатација ја поткрепуваат со фактот дека особено кај производите и услугите со високи транспортни и енергетски трошоци се чувствуваат турбуленциите од ваа криза.
Маслото за јадење веќе покажува чувствителност на растот на светските цени на нафтата, делумно и поради зголемената употреба на земјоделски суровини за биогорива.
Податоците за почетокот на мај покажуваат дека цените на дизелот повторно растат низ Европа, и покрај тоа што дел од владите веќе интервенираа со намалување или ограничување на даночниот товар врз горивата, сметаат експертите. Тоа за нив укажува дека актуелниот раст е доминантно придвижен од поскапувањето на нафтата и набавната цена на горивата на меѓународните пазари, а не само од домашните фискални политики.
„Доколку ваквиот енергетски притисок продолжи, веројатно е дека со задоцнување ќе почнат посилно да реагираат и цените на храната. Во услови на продолжени геополитички тензии и нестабилни енергетски пазари, ризикот од ново разгорување на инфлацијата останува значителен. Сепак, не се очекува инфлациска динамика до нивоата од 2022 и 2023 година“, велат од Finance Think.
Доколку се погледа мапата на Европа, односно цените на дизел горивото може да се забележи дека најевтино поминуваат граѓаните на Малта, а најмногу трошоци за ова гориво на стариот континент имаа жителите на Холандија.
Анализата на Институтот Finance Think вели дека во Малта едно литро дизел чини 1,34 евра, на второ место по најефтин дизел во Европа е нашиот источен сосед Бугарија каде цената изнесува 1.48 за литар. Следува Полска со цена од 1.51 евра за литар. Македонија е четврта со цена од 1.52 евра за литар дизел, па следуваат Шпанија 1.53, Кипар 1.54, Словенија 1.62, Косово и Унгарија идентични 1.65 евра за литар дизел, Хрватска 1.70, Црна Гора 1.71, Шветска 1.74, Чешка 1.73, Романија и Босна и Херцеговина 1.74 евра за литро дизел, Естонија 1.77, Словачка 1.78, Луксембург 1.80, Србија 1.86, Белгија 1.87. Над две евра за литро дизелот се продава во Франција 2.05, во Германија 2.06, Грција 2.08, Албанија 2.24, Данска 2.37 и како што напоменавме најскапо во Холандија 2.39.
Институтот Finance Think веќе излезе со став дека иако глобалните нафтени шокови се пренесуваат во домашната економија, нивниот ефект врз општото ценовно ниво е релативно умерен. Краткорочно, дури и значајно зголемување на цената на нафтата има ограничен ефект врз инфлацијата, додека долгорочниот ефект се материјализира постепено преку трошоците на производството, транспортот и услугите и може да биде позначаен.
