Нерегистриран автомобил? Шлеп-службата веќе не е евтина опција
Актуелно

Нерегистриран автомобил? Шлеп-службата веќе не е евтина опција

05. 02. 2026.

Со воведувањето на проектот „Безбеден град“ и заострувањето на казнената политика во сообраќајот, особено за возење нерегистрирани возила, во Скопје тивко, но осетно, се смени уште една секојдневна работа: цената на шлеп-услугите.

Она што со години важеше како „брза и евтина помош“ за оние што мораат да го однесат автомобилот до технички преглед или на сервис, денес веќе не е така.

До пред неколку месеци, вообичаена цена за шлепање возило од точка А до точка Б на територија на главниот град изнесуваше 1.000 денари. Денес, истата услуга чини двојно повеќе – 2.000 денари, а во одредени случаи и над таа сума, зависно од локацијата, времето и состојбата на возилото.

За многумина возачи, ова зголемување дојде ненадејно, без најава, но не и без причина.

Стравот од високите казни и автоматските камери го смени однесувањето на граѓаните. Возење нерегистриран автомобил, дури и на кратка релација „само до технички“, веќе не се ризикува.

Камерите не прашуваат каде си тргнал, а казните се сериозни. Па така, шлеп-службите одеднаш станаа неопходност, а не избор. Побарувачката порасна нагло, а со неа и цените.

„Не е дека ние од утре решивме да наплатуваме повеќе, луѓето често така мислат“, вели сопственик на шлеп-служба од скопската општина Ѓорче Петров. „Работата ни се зголеми за речиси двојно. Секој втор повик е за нерегистрирано возило што мора да оди на технички. Имаме повеќе гориво, повеќе амортизација, повеќе часови на пат. И да, има и ризик – сè е под камери, секое застанување, секое подигнување возило… не е исто како порано“.

Тој додава дека граѓаните најчесто реагираат со негодување кога ќе ја слушнат цената, но на крај сепак прифаќаат.

„Што ќе прават? Или ќе платат 2.000 денари за шлеп, или ќе ризикуваат казна што е многу поскапа. Сметката е јасна“, посочува соговорникот.

Во неформални разговори со повеќе возачи, се провлекува истото чувство дека трошоците за одржување автомобил во градот стануваат сè потешки за следење. Регистрација, осигурување, сервис, па сега и поскап шлеп. Сè се насобира. Некои велат дека проектот „Безбеден град“ донел ред и дисциплина, други пак дека ја зголемил финансиската тежина врз обичниот човек. Вистината, како и обично, е некаде на средина.

Факт е дека строгите правила го намалија дивеењето во сообраќајот, но истовремено отворија простор за нови, секундарни трошоци што ретко кој ги пресметува однапред.

Шлеп-службите само ја следат реалноста на теренот. А таа реалност, барем засега, изгледа вака: ако автомобилот не ти е регистриран, патот до технички преглед веќе не е евтина авантура, туку уште една ставка во списокот на скапи „морања“.

И тука приказната некако застанува… барем додека не стигне следното поскапување.

Извор:denar.mk