Сè почесто, боледувањето наместо здравствена потреба станува алатка за одморање. Податоците покажуваат дека во одредени сектори, особено во јавната администрација, повеќе од 20% од вработените редовно се отсутни поради боледување, а слична е и сликата во приватниот сектор.
Иако законски ова право е загарантирано, се поставува прашањето – колку навистина се користи со цел? Или пак, колку често станува збор за избегнување на работните обврски, на товар на колективот?
Според Законот за здравствено осигурување, во првите 15 дена од боледувањето платата ја покрива фирмата, односно работодавецот. По тоа, трошокот го презема Фондот за здравствено осигурување – односно државата. Но она што не стои запишано во законот, а што реално се случува секојдневно, е дека товарот од работата не исчезнува. Тој преминува на останатите колеги.
Кога некој отсуствува без реална причина, неговите задачи ги преземаат другите. Се создава дополнителен притисок, расте заморот, а тимската солидарност – се троши. Колегијалноста полека преминува во негодување, особено кога боледувањето станува „практика“ за одредени поединци, а не исклучок.
Потребна е јасна разлика помеѓу реална здравствена потреба и злоупотреба. Боледувањето не е ниту слободен ден, ниту продолжен викенд. И додека некој „се одмора“, друг седи со два компјутери, одговара на туѓи мејлови и останува подоцна – не по избор, туку од нужност.
Ова прашање не е само економско. Тоа е прашање на лична и професионална одговорност. Колку и да звучи остро, мора да се каже:
секое неоправдано боледување е директна неправда кон колегите кои остануваат да ја извршат работата.
Злоупотребата на системот не е само проблем за работодавците и институциите. Тоа е проблем што ја руши довербата, ја поткопува работната етика и создава отуѓеност во работната средина.
Според Законот за работни односи (чл. 80), работник кој е на боледување не смее да биде отпуштен додека трае неговата привремена спреченост за работа. Ова е дел од заштитата на работничките права – и тоа со право. Но тоа исто така значи дека во ситуации каде што боледувањето се користи за друга намена работодавецот е врзан, а тимот останува оптоварен.
И да заклучиме кога без оправдана причина земате боледување, не сте ја зезнале фирмата, ниту шефот – ги зезнавте колегите. Тие што секој ден ве покриваат, ве бранат и молчат.
