Еден од поинтересните примери е таканареченото веб-рударење, кога процесорската моќ на туѓ компјутер се користи преку интернет-прелистувач. Во дел од случаите корисникот воопшто не знае што се случува. Компјутерот се успорува, вентилаторот почнува почесто да врти, уредот се загрева и троши повеќе струја, а некаде во позадина се создава криптовалута.
Истражувања на компании од областа на сајбер-безбедноста покажале дека само во 2018 година биле блокирани околу 470 милиони обиди за активирање или поврзување со вакви рударски ресурси. Пресметките покажале дека со нивното блокирање биле заштедени меѓу 240 и 1.670 мегават-часови електрична енергија. Во зависност од цените на струјата, тоа значело и стотици илјади долари или евра избегнат трошок за корисниците. Проценката за избегнатите емисии достигнувала околу 800 тони јаглерод диоксид.
Познавачите на сајбер-безбедноста предупредуваат дека кај еден компјутер потрошувачката можеби нема да изгледа страшно, но кога ќе се соберат милиони уреди, бројката станува сосема поинаква. Проблемот не е само сметката за струја. Постојаното оптоварување значи и повеќе загревање, посилна работа на компонентите и можност за нивно побрзо трошење.
„Сè додека постои економска корист од веб-рударењето, ќе има и обиди да се оптоварат процесорите на корисници кои за тоа ништо не знаат“, предупредуваат експертите за сајбер-безбедност.
Но веб-рударењето е само мал дел од приказната. Кај биткоинот размерите се далеку поголеми.
Истражување на научници од Обединетите нации покажало дека глобалната мрежа за рударење биткоин во периодот 2020 и 2021 година потрошила 173,42 терават-часови електрична енергија. Ако биткоинот тогаш се гледал како држава, според пресметките би бил на 27. место во светот според потрошувачката на електрична енергија.
Истото истражување проценува дека во тој период рударењето биткоин создало повеќе од 85 милиони тони емисии на јаглерод диоксид. Околу 67 проценти од електричната енергија користена за рударење доаѓала од фосилни извори, а најголем удел имал јагленот со 45 проценти. Со други зборови, не е сеедно каде се наоѓаат рударските фарми и од што се произведува струјата што ја трошат.
„Технолошките иновации често носат несакани последици, а биткоинот не е исклучок“, предупредуваат истражувачите, кои сметаат дека одговорот треба да се бара во подобра регулација и поефикасни технологии, а не само во забрани.
Проблемот не завршува со струјата. Големите рударски центри трошат вода за ладење, а според истражувањето, водниот отпечаток на биткоинот во 2020 и 2021 година достигнал 1,65 кубни километри. Тука е и електронскиот отпад. Опремата за рударење работи под големо оптоварување, технологијата брзо напредува, а старите и помалку ефикасни уреди завршуваат надвор од употреба.
Економската математика за рударите е едноставна: ако вредноста на ископаната криптовалута е поголема од трошокот за струја и опрема, работата има смисла. Но економските анализи покажуваат дека постои и друга сметка. Едно истражување проценило дека во периодот од 2016 до 2021 година на секој долар вредност создаден преку рударење биткоин отпаѓале околу 35 центи климатска штета.
И затоа машините не запираат лесно. Додека има профит, ќе има и рударење. Само што дигиталните монети, колку и да изгледаат виртуелно, зад себе оставаат сосема реална сметка за струја, вода и загадување.
