Според земјоделците, новите правила предвидуваат сезонските работници да бидат здравствено и пензиски осигурени, што значи дополнителен трошок од околу 400 денари дневно за секој ангажиран работник.
– Недостиг од работници има во повеќе земјоделски гранки. Во моментов најголема потреба има во тутунопроизводството и градинарството, но сезонска работна сила недостига и во лозарството, овоштарството и сточарството. И покрај тоа што ни се потребни работници, многу земјоделци не можат да си дозволат да ги ангажираат поради ниските откупни цени и зголемените производствени трошоци – изјави за „Локално“ земјоделецот Ѓорѓи Каракашев.
Тој смета дека новиот закон, кој требаше да ја формализира сезонската работа и да ја намали сивата економија, на терен создава нови проблеми за производителите.
– Во услови кога дневниците на сезонските работници веќе се зголемени, дополнителните трошоци за здравствено и пензиско осигурување се преголем товар. Дополнителен проблем е што за ваквите работни места најчесто се пријавуваат пензионери. Тие имаат желба да работат, но честопати не можат да го издржат физичкиот напор и високите температури во текот на летото. Од друга страна, младите речиси и да не покажуваат интерес за работа во земјоделството. Повеќето бараат полесни и подобро платени работни места, па дури и сезонска работа на море во соседните земји – вели Каракашев.
Земјоделците предупредуваат дека проблемот со недостигот од работна сила станува хроничен и од година во година се продлабочува. Голем дел од работоспособното население се иселува или се пренасочува кон други дејности, додека земјоделството останува без луѓе кои ќе работат на нивите, во овоштарниците и лозјата.
Според нив, доколку државата не понуди дополнителни мерки и стимуланси за ангажирање работници, дел од производителите ќе бидат принудени да ги намалат обработливите површини или целосно да се откажат од одредени култури.
