Предлогот, поднесен од пратеничката група на ЗНАМ со поддршка од мнозинството, предвидува ова право да го стекнат возачи кои имаат најмалку 23 години и поседуваат Б-категорија најмалку пет години. Дополнително, ќе биде задолжително посетување на кратка, четиричасовна теоретска обука за безбедно управување со мотоцикли во автошкола.
Обуката ќе опфати основни сообраќајни правила и прописи, а по нејзиното завршување автошколите ќе издаваат соодветна потврда и ќе го известуваат Министерството за внатрешни работи. Деталите околу програмата, формата на потврдата и евиденцијата ќе ги утврди министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена од стапување на законот во сила.
Предложеното решение е усогласено со европските регулативи и се однесува исклучиво на мотоцикли со моќност до 11 киловати и сооднос сила/маса до 0,1 kW/kg. Важно е да се напомене дека оваа дозвола ќе важи само на територијата на државата.
Како што истакна предлагачот, целта на законските измени е да се поттикне поголема употреба на мотоцикли како практична алтернатива на автомобилите, особено во урбаните средини, со што би се намалил метежот и би се олеснило секојдневното движење.
Од пратеничката група посочуваат дека стојат обединето зад овој предлог, кој треба да помине по скратена постапка.
