Како што е најавено, ќе има организирана прослава и дочек на Новата година на плоштадот „Македонија“, а ќе настапуваат исклучиво македонски пејачи, меѓу нив ќе бидат Каролина Гочева, Тамара Тодевска и изведувачи на народна музика.
Целосната програма и останатите детали ќе бидат објавени наскоро од Град Скопје.
Во однос на украсувањето, веќе се поставуваат куќарките во кои ќе се продаваат храна, пијалоци и новогодишни сувенири.
На плоштадот „Македонија“ ќе бидат поставени новогодишна елка висока најмалку 13 метри, 3Д-фигура мече од 4 метри, светлосни ѕвезди, 3Д рамка за фотографирање и „ѕвездено небо“ од 800 квадратни метри.
Украсувањето ќе ги опфати и главните улици и булевари – Даме Груев, 11 Октомври, ВМРО, Партизански одреди и Филип Втори – каде ќе бидат поставени висечки светлосни елементи и лед-фигури.
„За прослава на Нова година ќе има 70.000 евра. Сметам дека тоа не е премногу и дека е сосема нормално за да имаме една достоинствена прослава за скопјани“, рече градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Последните години главниот град се украсуваше само десетина дена пред Нова година.
