Gen Z е најобразованата генерација досега, но сè потешко доаѓа до работа и сопствен дом
Актуелно

Gen Z е најобразованата генерација досега, но сè потешко доаѓа до работа и сопствен дом

25. 11. 2026.

И покрај повисокото ниво на образование во споредба со претходните генерации, младите од генерацијата Џен Зи се соочуваат со сериозни економски предизвици, несигурни работни места и високи цени на недвижностите.

Ова го покажува најновиот извештај на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), кој опфаќа 109.000 испитаници во 73 земји.

Според истражувањето, 78 отсто од младите во светот завршуваат најмалку средно образование, што претставува историски највисока стапка. Сепак, факултетската диплома повеќе не е гаранција за стабилно вработување и финансиска сигурност.

Растечките трошоци за живот, високите цени на становите и несигурните работни места влијаат и врз важните животни одлуки на младите.

Финансиската независност најчесто се постигнува во втората половина од дваесеттите години, додека стабилните партнерски врски и родителството сè повеќе се одложуваат до триесеттите години.

Економската несигурност и незадоволството од животните услови беа меѓу причините поради кои на 20 ноември младите протестираа во 73 градови низ Германија.

Иако речиси половина од светското население е помладо од 30 години, само 2,6 отсто од пратениците во парламентите ширум светот се под оваа возрасна граница.

Податоците укажуваат на сè поголем јаз меѓу образовните достигнувања на младите и реалните можности за вработување, финансиска независност и самостоен живот.