Ваучерите се однесуваат на купување и вградување инвертер клима уреди со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+. Целта на мерката е да им помогне на домаќинствата што имаат поголема потреба од поддршка, да ги намалат трошоците за енергија и да добијат поефикасен начин за греење и ладење во домот.
Право на учество имаат домаќинства во кои живеат лица корисници на надоместок заради попреченост, ако нивниот вкупен месечен нето-доход во 2025 година не надминува 30.000 денари за едночлено домаќинство, 45.000 денари за домаќинство со два члена, 63.000 денари за домаќинство со три члена и 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. При пресметката не се вклучува надоместокот заради попреченост.
Повикот ги опфаќа и домаќинствата со деца со попреченост до 26 години кои користат посебен додаток. За нив важат доходни прагови до 45.000 денари за домаќинство со два члена, 63.000 денари за домаќинство со три члена и 83.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена, а и во овој случај посебниот додаток не се пресметува во вкупниот доход. Едно лице може да поднесе само едно барање по домаќинство, а не се опфатени лица што користат цивилна или воена инвалиднина, корисници на гарантирана минимална помош и додаток за енергенси.
Барањата се поднесуваат електронски преку платформата на Министерството, а апликантите треба да достават комплетна документација, вклучително изјава заверена на нотар, соодветни решенија за остварени права, лична документација и докази за составот на домаќинството. Ако апликацијата е некомплетна, ќе има рок за дополнување, а изборот ќе се прави според уредни и комплетни барања, сè до исцрпување на предвидените средства. Министерството ќе врши проверка на податоците преку надлежните институции, а листите на корисници и решенијата ќе бидат јавно објавени и доставени електронски.
