Скап одмор, скапи грешки: Глоба до 900 евра за шетање со високи потпетици по Акропол
Актуелно

Скап одмор, скапи грешки: Глоба до 900 евра за шетање со високи потпетици по Акропол

19. 04. 2026.

ЛЕТУВАЊЕТО ВО ГРЦИЈА НОСИ „СКРИЕНИ“ ТРОШОЦИ, НОСЕТЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ В ЏЕБ

Претстојната туристичка сезона ќе биде полна со предизвици за најголемиот број македонски граѓани кои одморот го планираат во соседна Грција, која традиционално е најпосакуваната дестинација поради близината, плажите и понудата. Но, годинава одморот нема да биде ниту евтин ниту едноставен, а туристите ќе мора да се приспособат на новата реалност што ја наметнуваат грчките власти, а ова значи потреба од внимателно планирање, информирање и носење повеќе пари в џеб поради дополнителните трошоци кои што ги очекуваат.

Сериозниот предизвик доаѓа од значително повисоките цени на сместувањето, горивата и на најосновните прехранбени производи. Покрај тоа, новите правила за туристите носат и ризик од високи казни, додека особено внимателни треба да бидат возачите, кои ова лето ќе се соочат со засилени контроли и построги санкции.

Остар скок на цените во Грција

Летната сезона сè уште не е ни почната, а трошоците за патување и сместување кај јужниот сосед од ден на ден се зголемуваат. Според најновите податоци од Грчкиот статистички институт (ЕЛСТАТ), инфлацијата во земјата забележа месечен пораст од 2,6 %, односно 3,9 % на годишно ниво и е подгреана од зголемените тензии на Блискиот Исток, кои почнуваат да имаат сериозни последици за грчката економија, што, пак, директно се одразува на цените горивата, транспортот, па дури и на основните услуги.

Најголемиот удар го трпат горивата. Дизелот поскапел за над 24 %, бензинот за повеќе од 11 %, додека останатите енергенти бележат пораст од речиси 20 %. Ова директно се прелева и во транспортниот сектор, каде што цените растат со стапка од повеќе од 7 %. За македонските туристи, кои во најголем дел патуваат со сопствени возила, ова значи значително поголем трошок уште пред да стигнат на одмор. Особено загрижува скокот на цените на авионските билети, кои бележат пораст од повеќе од 26 %. Иако помалку туристи користат авионски превоз, овој тренд индиректно влијае и врз останатите сегменти од туризмот.

Дополнително, зголемувањето на цените на горивата влијае и врз цените на услугите – во рестораните и во локалниот транспорт. Како што објавија некои грчки медиуми, ситуацијата со цените на храната е нешто постабилна. Просечното зголемување е релативно мало, но постојат значајни разлики по категории. На пример, одредени производи, како јогуртот, овошјето и зеленчукот, бележат пораст, додека кај други, како тестенините и дел од месото, има благо намалување, што не значи дека нема да има можни натамошни зголемувања како што ќе се ближи екот на туристичката сезона.

Иако на прв поглед овие бројки не изгледаат драматично, нивното кумулативно влијание значи значително поскапување на туристичките трошоци, особено на сместувањето. И пред почетокот на кризата на Блискиот Исток, од туристичките агенции беше најавено дека пакетите за летување во Грција, годинава, ќе бидат поскапи за 10 до 12 проценти поради примената на новиот закон за изнајмување недвижности, кој започна да се применува од октомври 2025 година. Законот воведува задолжителна сертификација за секој стан, како и низа нови даночни обврски. Трошоците за сертификација изнесуваат околу 600 евра по стан, а сопствениците плаќаат и туристичка такса и 15 % месечен данок на приходот од закуп. Дополнителен притисок врз пазарот создава ограничувањето според кое едно физичко лице може да издава најмногу два стана, додека оние што поседуваат повеќе, треба да се регистрираат како компании, со повисоки административни и даночни обврски, особено за странски сопственици.

Покрај законските измени и по растот на трошоците за одржување и работна сила, сега повисоките цени на енергентите дополнително (ќе) ги зголемува цените на аранжманите за туристите.

Нови правила за летната сезона во Грција

Покрај финансискиот аспект, туристите ова лето ќе мора да обрнат внимание и на новите, построги правила што ги воведуваат грчките власти. Непочитувањето на овие правила може да резултира со високи казни, кои во некои случаи достигнуваат и неколку илјади евра.

Еден од најнеобичните прописи се однесува на историските локалитети. На пример, забрането е носење обувки со високи потпетици на Акрополот во Атина, а причината е заштита на древниот мермер, кој трпи оштетувања од милиони посетители секоја година. Ако се прекрши ова правило, обезбедувањето може да ве запре, да побара да ги соблечете чевлите или дури да ви забрани влез, а во одредени случаи, казната може да достигне и до 900 евра.

Во сообраќајот, правилата се уште построги. Особено внимание се посветува на заштитата на децата. Пушењето во возило во кое има дете под 12 години се казнува со до 1.500 евра за приватни возила, а до 3.000 евра за службени или изнајмени. Дополнително, возачката дозвола може да биде одземена на еден месец.

Засилените контроли значат дека полицијата ќе биде значително поактивна по патиштата и автопатиштата, а се најавува и користење на нови технологии, како камери за автоматско евидентирање на прекршоци. Најчестите казни остануваат високи: возење под дејство на алкохол од 78 до 1.200 евра, пречекорување на брзината до 20 км/час – 100 евра, поминување на црвено светло – 700 евра, неврзан појас – 350 евра, користење мобилен телефон – 100 евра, непрописно паркирање – од 40 до 80 евра. Дополнително, неправилното паркирање може да резултира со одземање на табличките, возачката и сообраќајната дозвола, што може да создаде големи проблеми за туристите во текот на одморот.

Посебно внимание се обрнува и на однесувањето во музеи и археолошки локалитети, каде што е строго забрането допирање експонати. Во летниот период, поради ограничените водни ресурси, се воведуваат и рестрикции за користење вода. Забрането е миење автомобили, а на некои места има ограничувања и за наводнување. Дополнително, туристите се предупредуваат да не ги оставаат клима-уредите вклучени додека не се во сместувањето, поради високите трошоци и влијанието врз животната средина.

Една од новините што може да ги изненади туристите е промената во правилата за автоаптеката. Од 18 јуни, Грција воведува нови стандарди за опремата за прва помош во возилата. Старите комплети, кои со години се користат во регионот, веќе нема да бидат доволни. Новите правила бараат проширена и модернизирана опрема, усогласена со европските стандарди. Возачите кои нема да ги исполнуваат овие услови ризикуваат казна од околу 30 евра. Иако сумата не е висока, ова претставува дополнителен трошок и обврска за сите кои патуваат со автомобил.

Срамни сцени на границата – новиот ЕЕС-систем создаде хаос

Додека туристите се подготвуваат за летување, сериозни проблеми се појавуваат и на самите граници. Воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) веќе предизвикува хаотични сцени, долги редици и нервоза кај патниците. Од синдикатите на полициските службеници во регионот на Килкис, изминатиов викенд ги обвинија граничните служби за лоша организација и дека не се целосно подготвени за спроведување на биометриските проверки и регистрација. Тие истакнаа дека иако системот беше најавуван од поодамна, властите не ги направиле навреме потребните инфраструктурни подобрувања, како и надградбата или замената на застарените интернетски линии на граничните премини.

– Ништо од ова не беше реализирано. Резултатот е таков каков што е – веќе имаме срамни сцени на границите. Чекање, тензии, граѓани кои ги напуштаат своите возила за да се заврши регистрацијата, па дури и бебиња кои полицајци ги поставуваат пред камерите за земање податоци на самите сообраќајни ленти. И сето тоа, пред почетокот на туристичката сезона, кога колони возила и патници, најмногу државјани на трети земји, ќе пристигнат во земјата – соопштија од Унијата на полициски службеници од Килкис.

Претставниците на полицијата нагласуваат дека тие не се виновни за настанатата состојба, иако целиот бес на патниците паѓа врз нивниот грб.

Системот ЕЕС предвидува електронска регистрација на влезот и излезот на државјани од трети земји, со собирање биометриски податоци. Иако целта е подобра контрола и безбедност, имплементацијата на терен покажува сериозни слабости.

Извор: vecer.press