Анкета меѓу граѓаните покажува дека иако постои подготвеност да им се помогне на најблиските, довербата е клучен фактор при позајмувањето пари. Повеќето велат дека би одобриле заем само на членови на семејството или на блиски пријатели, додека кон останатите се значително порезервирани поради страв дека парите нема да им бидат вратени.
Граѓаните посочуваат дека денес почесто се позајмуваат помали суми за покривање на итни или тековни трошоци, а сè повеќе луѓе, поради недоволни приходи, се принудени да користат и брзи кредити. Според нив, финансиските проблеми неретко се причина и за нарушување на семејните и пријателските односи, особено кога заемите не се враќаат навреме.
Финансискиот советник Весна Прентоска оценува дека финансиската писменост во земјава сè уште не е на посакуваното ниво. Таа смета дека младите треба уште од првото вработување да стекнат навика да издвојуваат дел од приходите за заштеда, бидејќи денешниот пазар на трудот е многу подинамичен и понеизвесен отколку порано.
Според податоците на Европската комисија, граѓаните во западните и северните европски земји значително поретко позајмуваат пари од блиски лица, додека во јужна и источна Европа оваа практика е почеста, што укажува на поголема финансиска ранливост на домаќинствата.
