Верниците од исламска вероисповед утре го слават големиот празник Рамазан Бајрам
Актуелно

Верниците од исламска вероисповед утре го слават големиот празник Рамазан Бајрам

19. 03. 2026.

За верниците од исламска вероисповед утре завршува Рамазанскиот пост, што траеше 29 дена. Тие утре го слават празникот Рамазан Бајрам.

За време на постот верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од јадење и пиење. 

Рамазан е најсветиот месец во исламот во кој е објавен Куранот во 610 година. Празникот Рамазан Бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување.

По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.

Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена.

Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, ден кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, ден кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.

Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 20 март (петок) ќе биде неработен ден за сите граѓани.  

Извор: skopjeinfo.mk